Библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово го збогати книжниот фонд за над 1.500 книги. Набавката на нови книги, информираат од кумановската библиотека, се должи на зголемените потреби на корисниците на услугите на оваа јавна општинска установа.
– Се работи за 169 наслови или 1.565 книги, лектири за учениците од основните и средните училишта за наставата на македонски и албански јазик. За нашите читатели кои континуирано бараат белетристика, стручна литература или друг вид на книги во постапка е исто така набавка на околу 500 наслови или 1.500 книги.Тука спаѓаат и околу 500 сликовници, наменети за најмладитe чителите, односно учениците од вторите одделенија, кои и годинава традиционално ги запишуваме бесплатно во библиотеката, информира директорката на библиотеката Нада Ивановска.
Збогатувањето на книжниот фонд на библиотеката се спроведува во насока во насока на популаризација на книгата и читањето и зголемување на бројот на потенцијалните корисници.
– Се обидуваме секогаш да бидеме актуелни и да бидеме предизвик за нашите читатели, вели Ивановска.
Кумановската библиотека три пати годишно спроведува набавка на книги. За идната година, најави Ивановска ќе бидат издвоени над 350.000 денари за набавка на книги.