Земјите-членки на Европската унија денеска забранија инвестирање на Крим, стопирајќи ја европската помош за експлоатација на нафта и гас од Црно Море и им забранува на европските патнички бродови да впловат во пристаништата на Крим, објави „Блиц“.
Во согласност со најновите санкции, на Европејците и на европските компании им се забранува да купуваат недвижен имот и компании на Крим или да ги финансираат тамошните фирми, се наведува во соопштението на ЕУ.
Новите мерки, кои се дел од европската политика за непризнавање на руската анексија на Крим, стапуваат во сила утре.
Со новите санкции европските компании нема да можат да извезуваат стока и технологија која се користи во експлоатацијата и производството на нафта и гас на Крим, но и во секторите транспорт, телекомуникации и енергетика.
На европските компании им е забрането и да понудат техничка помош, како и градежни или инженерски услуги кои се поврзани со инфраструктурата во истите сектори.
Со новите санкции на европските компании нема да им биде дозволено и да нудат туристички услуги на Крим, а европските патнички бродови нема да можат да впловат во пристаништето на Крим, освен во вонредни ситуации.