Помина година откако Снежното кралство (Frozen) се појави во кината и во целост го освои светот.
Филмот доби два Оскари, стана анимиран филм со најголема заработка и се претвори во културен феномен. Написот на Џоана Коен, новинарка во Њујорк тајмс, за влијанието на Снежното кралство на американските деца е само еден текст кој се занимава со опседнатоста на децата со овој анимиран филм.
Исто така, од растот на популарноста на името Елса меѓу британските и американските родители, но и од многу преработки и пародии на песната Let it Go на Јутјуб, гледаме дека филмот имал силно влијание и на возрасната публика. Многу новинари и критичари се обидоа да ја објаснат популарноста на Снежното кралство и да утврдат според што овој филм на Дизни за принцезите се разликува од останатите.
Идина Мензел и Кристен Бел, кои ги дадоа гласовите на сестрите Ени и Елси, како посебност на овој филм, гледаат поинаква репрезентација на женските ликови. Дури, Идина Мензел го опишува Снежното кралство како помалку феминистички филм за Дизни, а во тоа не е сама. Интернетот е преполн со текстови за преиспитување на феминизмот во филмот Снежното кралство и тоа не без причини.
Снежното кралство го следи примерот на Мерида Храбра и во центар на темата го става односот меѓу двете жени. За разлика од Мерида Храбра, во овој филм гледаме две јунакињи Ана и Елса кои демонстрираат сила на сестринска љубов. Потенцирањето на важноста на љубовта и комуникацијата меѓу двете жени и понатаму е новост за Дизни. За жал, Дизни не ги става женските ликови во односи надвор од семејните. Женското пријателство не е чест мотив во Дизниевите филмови и секогаш е споредно од главната тема и романтичниот заплет, што е многу нелогично кога ќе земеме предвид дека филмовите за принцезите како Снежното кралство повеќе ги гледаат жени, т.е. девојчиња.
Би се согласила со Кристен Бел дека карактеристиките на женските ликови отстапуваат од Дизниевите вообичаени модули. Елса, постарата сестра, втората јунакиња во филмот, која поседува волшебна моќ, но за разлика од Златокосата, Елса нема контрола над своите моќи и ја затвора вратата на дворецот во кој живее целото семејство. Во страв од својата моќ, Елса се изолира од Ана, која неуморно ја довикува со песната Do You Want to Build a Snowman. Елсината изолација е последица од стравот кој и го всадиле родителите, поточно таткото. Нејзиниот татко ја учи дека нејзината моќ е неприфатлива за надворешниот свет, дека секогаш треба да ги контролира своите чувства и дека по секоја цена треба да ја крие својата моќ.
Барањето од Елса да го прикрие тоа што е, т.е. нејзиното ослободување и прифаќање на своите моќи е плодно тло за интерпретација. Многу гледачи ги препознаа Елсините моќи како метафора за хомосексуалност, иако нејзината изолација може да се интерпретира на повеќе начини. Елса подоцна се буни против татко и, т.е. неговите спомени и прогласува дека ја нема повеќе совршената девојка и дека за неа нема повеќе правила и криење. Со оскарот наградената песна во која Елса пее за своето ослободување Let it Go, може да се сфати како метафора за ЛГБТ популацијата, но тоа целосно е работа на интерпретација. Се согласувам со заклучокот на страницата Feministdisney.tumblr.com дека ЛГБТ популацијата заслужува нешто повеќе од потенцијална метафора, иако Дизни веројатно нема наскоро да прикаже јунак или јунакиња кои не се со хетеросексуална ориентација.
Меѓутоа, Дизни овој пат се одлучи да понуди јунакиња која емоционално е нестабилна се до крајот на филмот. Прикажувањето на несовршена јунакиња е напредок за Дизни, кој иако често прикажува несовршени јунаци, не прикажува несовршени јунакињи. Покрај емоционалната нестабилност, Елса е преплашена, агресивна и кон сопствената сестра, исто така е и исклучително моќна и тоа ја прави најкомплексна јунакиња во анимираниот филм на Дизни. Елсината борба не е со проклетство или со злобна маќеа, нејзината борба е внатрешна, а внатрешниот мир Елса го наоѓа дури откако Ана ќе се жртвува за неа. Во тој момент Елса сфаќа дека своите моќи може да ги контролира само со помош на љубов. Елса ја спасува љубовта, но сестринската љубов и поради таа порака овој анимиран филм е навистина прогресивен.
Иако Елса и Ана се сестри, карактерно се многу различни. Ана е заиграна, полна со живот, сака авантури и љубов, помалку непромислена и исклучително наивна. Нејзината наивност е наговестена во почетокот на филмот кога ќе се одлучи да се омажи за Ханс, по неколку часа познанство. Во Дизниевите филмови веќе подолго време не се користи концептот за љубов на прв поглед, посебно кај женските ликови. Наивноста на Ана, нејзиниот најголем недостаток, може да се припише на младоста и недостигот на животно искуство поради животото во изолација. Дури, наивноста на Ана и непромислената одлука која ја донесува може да се сфати како критика за изолација на женските ликови која е присутна во Убавицата и ѕверот, Многу замрсена приказна, итн.
Проблемите на двете сестри произлегуваат од изолацијата. Ана е наивна поради немање на интеракција со надворешниот свет, а Елса поради истата причина е емоционално нестабилна. Наивноста на Ана се гледа и во други ситуации, на пример во тврдењето дека Елса никогаш не би ја повредила. Можеби затоа не изненадува дека токму Ханс, принцот на бел коњ на Ана, е негативец во овој филм и тоа прв машки негативец во овој век во филмовите на Дизни за принцезите. Наспроти наивноста, Ана не е пасивна принцеза, како Снежана или Аурора и отстапува од традиционалното сфаќање за женственоста. На пример, Ана наутро се буди со замрсена коса и излигавена, па на мажите, поточно на Ханс се чини дека тоа го смета за привлечно. Понатаму, пред крунисувањето Ана изјавува дека не знае дали е возбудена или полна со гасови, што сигурно не е типична изјава на принцези во Дизниевите филмови. Исто така, Ана наспроти својата несигурност се обидува да помогне на Елса и на своето кралство и на крај ја спасува Елса, а со тоа и сама себе, од смрт.
Еден од главните приговори на односот меѓу двете сестри Елса и Ана се однесува на нивните ограничени меѓусебни комуникации. Вистина е дека Елса и Ана не зборуваат многу во анимираниот филм и нивните приказни, иако поврзани, во неколку наврати се речиси паралелни. Причината за тоа најверојатно е инсистирањето на Дизни на романтичен заплет наспроти истовременото исмејување на истиот. На крај на филмот се величи сестринската љубов, но на Ана сепак се остварува желбата која ја посакува на почетокот на филмот, таа ќе ја најде вистинската љубов. Како што истакнува Дени Колман на страницата medium.com: се потсмеваат на љубовта на прв поглед, но потоа Ана завршува во врска само по два дена познанство.
Иако инсистирањето на романтичен заплет не помогна во приказот на односот меѓу Елса и Ана, ова е првпат да видиме јунакиња која ги менува партнерите и стекнува романтично искуство. Кристоф можеби е љубовта на Ана на крајот на филмот, но тој не е нејзината вистинска љубов. На FeministDisney истакнуваат уште една светла точка на односот на Ана со Кристоф, на крај на филмот Кристоф бара дозвола од Ана пред да ја бакне. Често се подразбира дека женскиот лик сака да учествува во бакнеж, што е индикатор за поголем културен проблем. Меѓутоа, во последните филмови на Дизни тоа се промени. Во Многу замрсена приказна, Златокоса е таа која иницира бакнежи, а во Храбра воопшто нема љубовен бакнеж.
Иако овој анимиран филм значително се разликува од останатите филмови на Дизни со иста тематика, некои обележја не се промениле. Елса и Ana во целост се вклопуваат во вообичаената физичка репрезентација на јунакињите. Двете се привлечни, имаат тело во форма на песочен часовник и долга сјајна коса. На Дизни очигледно и понатаму е недозволиво да прикаже поинаков тип на тело, јунакиња со натпросечна или под просечна висина, или јунакиња која не одговара на доминантниот идеал за убавина. Аманда Путнам во физичката репрезентација на јунакињите на Дизни гледа потврда на хипер-хетеросексуалност на ликовите: припиената облека ја открива Дизниевата совршена хетеросексуална жена, изразени гради и колкови и тесна половина.
Исто така, Путнам смета дека хипер-хетеросексуалноста подоцна е потврдена со романтичниот однос на ликовите и нивните брачни планови, што се применува на Ана, но не и на Елса. Сексуалната ориентација на Елса може да се интерпретира на повеќе начини токму поради немање на потврда на хетеросексуалност. Понатаму, во Дизни и понатаму на јунакињите исклучиво придаваат статус на принцези. Дизниевата потреба како главни женски ликови во анимираните филмови на овој век да прикажува само принцези, ја потврдува тезата на Нада Кујунџиќ за ограничена карактеризација на женските ликови во светот на анимираните филмови на Дизни.
Во многу нешта Снежното кралство не отстапува од Дизниевата вообичаена шема за анимираните филмови за принцези па покажува недостиг на волја за промена и нешто различно. Меѓутоа, факт е дека Снежното кралство симболизира и одреден исчекор во филмовите за принцезите. Новитетите во карактеризацијата на женските ликови, ставањето на однос на две жени во центар на темата, немање на романтичен заплет кај Елса и директното исмејување на романтичното клише, даваат надеж дека идните филмови ќе понудат поголема разноличност во карактерниот и физичкиот приказ на јунакињите, ако поради ништо друго, барем поради заработката која овие промени им ја овозможија.
Бука – Сараево