Комесарот за правата на човекот на Советот на Европа, Нилс Мујжниекс, ја повика турската Влада да ја запре пресијата врз слободата на печатот и да дејствува во согласност со владеењето на законот и човековите права по вчерашната полициска акција во која беа приведени познати новинари, вклучувајќи го и главниот уредник на весникот „Заман“, Екрем Думанла, соопшти весникот „Хуриет дејли њуз“.
„Со длабоко загриженост ги следам настаните во Турција. Апсењето новинари и медиумски работници е сериозна пречка за слободата на медиумите во земјата. Независно од причините кои ги мотивирале, ваквите мерки се диспропорционални и непотребни во демократијата“, посочи Мујжниекс во денешното писмено соопштение.
Тие се исто толку загрижувачки, колку и апсењата на новинари во 2011 година, кои беа осудени од мојот претходник во неговиот извештај за слободата на печатот во Турција. Во пракса, слободата на медиумите е дамнешен проблем во Турција и ваквите мерки носат голем ризик од анулирање на напредокот што Турција го постигна во последните години, се наведува во соопштението.
Апсењата испраќаат нова порака кон новинарите и дисидентските гласови во Турција, кои се под интензивен притисок, вклучувајќи ги и насилството и репресиите. Тие веројатно дополнително ќе го поларизираат турскоот општество и ќе ја засилат општествената недоверба во способноста на државата да ги штити човековите права, изјави Мујжниекс.