Монографија „70 години Македонска филхармонија“

Од:

Македонската филхармонија го одбележа седумдецениското постоење со промоција на монографија во која низ документи, фотографии и сведоштва е раскажан развојот на оваа најстара музичка институција – од нејзиното формирање во 1944 до денес.

Монографијата „70 години Македонска филхармонија“ од авторите Тина Иванова и Роза Нолчева-Ангеловска е објавена со поддршка на Министерството за култура и за неа министерката Елизабета Канческа-Милевска на денешната промоција рече дека е импозантно издание во кое на речиси 300 страници се испишани личните доживувања на сите што учествувале во создавањето на оркестарот.

– Монографијата е документ во кој е прикажан растежот на институцијата, изведбата на повеќе од 400 симфониски дела со најзначајните имиња на денешницата, впечатливите настапи низ целиот свет – референците на Македонската филхармонија со кои се гордееме сите. Публикацијата сведочи и за денешните успеси на оркестарот, за грандиозните проекти, зборува за визиите, идеите и за идните предизвици, рече Канческа-Милевска.

Авторките се музиколози кои ја следат работата на Филхармонијата во изминатите 20-ина години, а за основањето и првите години од постоењето истражувале од архивата на Филхармонијата и претежно од написите и рецензиите што низ годините се објавувани во дневниот печат.

– Книгата ја пишувавме така како што самите сакавме да ја читаме, во есеистичко-публицистички манир, без сирова статистика иако таа постои во самите приказни. Прашањето беше што да се стави во една книга од илјадници концерти и уште толку солисти и диригенти кои стапнале на подиумот на Македонската филхармонија. Целта ни беше да го извлечеме најсуштинското, најважното, па и најатрактивното дури и за оние читатели на кои музиката не им е животна определба, рече Иванова.

Коавторката Нолчева-Ангеловска додаде дека 70-те години опишани во публикацијата се плод на макотрпна работа на сите вклучени во организирањето на концертите, не само на тие во уметничкиот дел, туку и на луѓето од администрацијата.

– Благодарение на публиката која редовно ги посетува концертите на Филхармонијата секој четврток, тоа е причината зошто овој оркестар постои и создава величствена музика, рече Нолчева-Ангеловска, заблагодарувајќи им на сите музичари, диригенти и вработени во Филхармонијата кои ја вложиле енергијата и креативноста во оваа институција.

Директорката на Македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ соопшти дека јубилејот ќе биде прославен и со концерт на 18 декември во МОБ, на кој како солист ќе настапи рускиот пијанист Борис Березовски, а диригент ќе биде неговиот сонародник Дмитри Лис.

По повод 70 години постоење Македонската филхармонија неодамна доби и Орден за заслуги за Македонија од Претседателот на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска