Австралискиот премиер Тони Абот денеска изјави дека заложничката криза во Сиднеј, каде вооружен напаѓач веќе 11 часа држи десетици заложници во едно кафуле, претставува вознемирувачки инцидент.
– Јас сум длабоко шокиран затоа што се грабнати заложници, од лице со оружје, можеби поради политички мотиви, изјави Абот, по вонредната седница на Комисијата за национална безбедност.
Во изјавата што е дадена во претпладневните часови по австралиско време, Абот вели дека Австралија е „мирољубиво, отворено и великодушно општество“, додавајќи дека „тоа не ќе може ништо да го измени“.
Абот затоа ги советуваше Австралијанците и посебно жителите на Сиднеј ,да останат мирни и да се однесуваат вообичаено, како и во секој друг ден“.
Австрлискиот премиер рече дека властите не знаат дали нападот е политички моттивиран, иако забележе дека некои работи во однесувањето на напаѓачот навестуваат дека мотивите можеби се политички.
Заложничката криза започна денеска, нешто по 9 часот по локално време, кога вооружено лице, чиј идентитет се уште останува непознат, влезе во кафулето и продавница за чоколадо „Линд“, што се наоѓа во строгиот центар на најголемиот австралиски град, земајќи ги како заложници сите што во тој момент се наоѓаа во локалот.
Се верува дека во тој момент, имало десетмина лица од персоналот на кафулето, како и триесетина гости, но се претпоставува дека нема деца меѓу заложниците.
Во Сиднеј сега е доцна навечер и кризата продолжува, откако повеќе од 100 полицајци и припадници на специјалните сили за безбедност се околу кафулето. Сите приоди кон него се блокирани, а уште од почетокот на кризата беа евакуирани најблиските канцеларии и јавни институции кои се сместени во реонот на популарниот кварт „Мартин Плејс“, каде има бројни финански институции. Таму се наоѓа и американскиот конзулат, како и седиштето на владата на сојузната држава Нов Јужен Велс.
Нема никакви сознанија дека кој било од заложниците е повреден во инцидентот, како и тоа колкумина останале во кафулето, по бегството на петмина од заложниците.
Претставник на австралиската полиција изјави дека намерата е целиот инцидент да заврши мирно без употреба на оружје, но дека безбедносите сили се подготвени за секаква операција.
Во овој момент наша главна цел е безбедно да ги извлечеме од кафулето, сите заложници рече тој, одбивајќи да потврди дали напаѓачот е сам или има помагачи и дали, како што тврдеа медиумите, тој има бомби и дека некои од нив се поставни и на други места.
Австралиските медиуми тврдат дека напаѓачот побарал знаме на џихадистите на Исламска држава, како и директно да разговара со премиерот Тони Абот, па се верува дека целиот инцидент има и пропагандни цели за да се величаат џихадистите и она што тие го прават на Блискиот исток.
Муслиманската заедница во Австралија реагираше со осуда на инцидентот, означувајќи го како „криминален чин“ и оградувајќи се од насилничкото толкување на исламот, што го прават џихадистите.
Медиумите во Сиднеј тврдат дека американскиот претседател Барак Обама бил брифиран за инцидентот, како и дека Американците им помагаат на австралиските власти околу оваа заложничка криза.
Инцидентот го осудија повеќемина земји и политички лидери од регионот, како и од светот.