Неидентификуваниот напаѓач на кафулето „Линд“ во центарот на Сиднеј, каде држи заложници, побарал да разговара со австраликиот премиер Тони Абот, објавија медиумиво Австралија.
Некои медиуми тврдат дека напаѓачот, кој најверојатно комуницира преку интеренет, скрил бомба во кафулето, како и дека ја предупредил полиијата оти има поставено бомби и на неколку други локации во центарот на Сиднеј, но засега нема потврда за тоа.
Австралиските власти побараа од медиумите внимателност при дозирањето на информациите, за да не се создава паника и да се рашири страв, особено што денеска безбедносна тревога беше подигната и во неколку познати локации на овој град, како што се зградата на сиднејската опера и локалната библиотека. Полицијата тврди дека другите неколку инциденти, не се поврзани со нападот врз кафулето „Линд“.
Нападот е извршен денеска наутро нешто по 9 часот по локално време, додека жителите на овој најголем град во Австралија одат на работа.
Маж со турбан, со торба во рацете и со оружје е виден како влегува во кафулето, кое е и продавница за чоколади, па затоа во него секогаш има голем број посетители.
Полицијата не знае колкумина заложници се наоѓаат во кафулето, но според претставник на компанијата „Линд“, кој е познат светски производител на чоколади, во кафулето има десетмина вработени и се верува дека во време на нападот имало 30 потрошувачи.
Напаѓачот принуди неколкумина од заложниците, на стаклото од излогот на кафулето да истакнат црно знаме со арапски натпис, што наликува на знамето што го користат џихадистите од групата Исламска држава (ИД), но експерти тврдат дека не станува збор за исто обележје.
Локалните медиуми сега тврдат дека напаѓачот побарал и да му се достави знамето на ИД, веројатно подготвувајжи се подолго време да остане во кафулето, држејќи заложници за да ја „пропагира“ активноста на џихадистите.
Во меѓувреме, петмина заложници, тројца мажи и две жени успеаја да побегнат и тие сега се на разговор во полицијата, но не се открива дали тие самите се одлучиле на бегство или им било дозволено да излезат за да ги пренесат барањата на напаѓачот и за да се виспостави комуникација со полицијата. Нема сознанија, ниту за тоа колкумина заложници останале во кафулето.
Постојат дилеми и дали напаѓачот е сам или има и соработнци, иако засега нема информации дека станува збор за група напаѓачи, како што нема ни информации и за тоа дека некој од заложниците е повреден.
Инцидентот што е означува како најтежок ваков случај досега, се одигрува во најстрогиот центар на Сиднеј, во популарниот „Мартин Плејс“ во бизнис зоната на градот. Таму се наоѓаат седиштата на неколку банки и финансиски институции, а во непосредна близина се и Конзулатот на САД, како и седиштето на премерот на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс.