Без разлика на тоа што некои ќе речат дека времето поминува или не гази, дека времето притиска, поетот сепак не се обѕрнува на тоа. Убеден e дека порано или подоцна љубовта сепак ќе дојде, но онака и онаква каква што само тој ја сака, замислува, односно ја пожелува…Тоа е оската околу која ги конципира своите суштински начела за вистинското живеење охриѓанецот Александар Трпески во неговата прва збирка песни „Во твоја слава“ и неговото премиерно претставување пред јавноста како поет.
Самиот автор за стихозбирката на промоцијата одржана вечерва рече дека е компилација песни што создаваат една целина, своевидна монодрама во четири чина. Дејствието на монодрамата се одвива во Градот на светлината, започнува со создавањето на нашата планета, за да заврши во некое време после нејзиното уништување.
Според Трпески, најдобар вид промоција на делата на еден кантавтор е токму неговиот концерт, односно самопретставување така што и тоа било она што го натерало во рамки на промоцијата лично да претстави извадоци од неговите поетски креации.
Заинтересираните поетското издание „Во твоја слава“ во електронски формат можат бесплатно да го преземат од интернет-страницата http://votvojaslava.mk/.