Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип и Државниот Универзитетот од Аризона (АСУ) потпишаа договор за соработка во повеќе области, како што се инженерство, наука, менаџмент, уметност, безбедност…
Според договорот, двата универзитети ќе разменуваат гости – предавачи, ќе организираат заеднички симпозиуми, истражувања, конференции и работилници, и ќе отворат можност за размена и на студенти.
Од Универзитетот „Гоце Делчев“ информираа дека соработката е иницирана од деканот Татјана Атанасова – Пачемска и професорот Кирил Христовски од Државниот Универзитет на Аризона, кој веќе одржа предавање пред студентите и наставниците на УГД и беше избран за визитинг професор.
АСУ, со седиште во Темпи, град којшто е лоциран во областа на метрополата Феникс, е најголем државен универзитет во САД, со над 80.000 студенти, пет кампуси и три илјаден наставен кадар. АСУ воедно е рангиран на 88 место според Шангајската листа. Договорот за соработка меѓу АСУ и УГД ќе трае пет години, со можност за негово продолжување.