Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави денеска, по повод Меѓународниот ден за човекови права, дека ЕУ направила голем напредок на тоа поле, но дека измачувањето е практика во многу делови во светот.
– Постигнавме многу, но недостасува уште работа, порача Могерини во соопштение за медиумите, и потсети дека човековите права се тема на дијалогот што ЕУ го води со над 40 земји и меѓународни организации ширум светот.
Високата претставничка предупреди дека измачувањето се уште се практикува во многу делови во светот, наспроти тоа што се навршиле 30 години откако ОН ја усвоија Конвенцијата против измачување.
– Ваквата ситуација налага наше итно внимание, порача таа.
Соопштението на Могерини пристигна ден откако во американскиот Сенат е претставен извештајот за распространетата практика на измачување осомничени за тероризам што американските безбедносни служби го практикувале по нападите врз Светскиот трговски центар во Њујорк во 2001 година.