Анонимен граѓанин, до редакцијата на Студентското списание Излез го испрати предлогот за државен испит на Министерството за Образование и Наука од 31.10.2014 година до претседателот на Интеруниверзитетската конференција, проф. д-р Велимир Стојковски.
Она што е најинтересно во документот, освен деталите за државниот испит, е и датумот 31 oктомври 2014 година. Ако дописот е напишан на тој датум и спремен за испраќање до претседателот на Интеруниверзитетската конференција, тогаш многу јасно се гледа игнорантноста на институциите кон студентите.
– За мене е несфатливо зошто протестираат кога сѐ уште немаме утврдено дали ќе воведуваме екстерно оценување или државен испит во високо образование и сѐ уште не е утврден моделот. Јас ќе повторам дека кога ќе одлучиме и ќе утврдиме, секако дека тоа ќе биде споделено, прво со универзитетите и со студентите, а после, се разбира и со јавноста – изјави министерот за образование и наука Абдулаким Адеми на 18-ти ноември 2014 година, ден после првиот студентски марш.
Министерот Абдулаким Адеми, на 30-ти октомври, ден пред дописот да биде напишан, призна дека постоечките механизмите за евалуација не функционираат.
-Во законот за високо образование, постојат механизми за евалуација, односно проверка на квалитетот. Тоа пред сѐ е обврска на одборот за акредитација и евалуација, меѓутоа сега за сега не се имплементираат тие одредби и МОН, односно владата увиде дека некои од одредбите не се имплементираат и затоа излезе со ваква идеја, евентуално при измени на законот за високо образование да воведуваме нови механизми, односно да има измени и дополнувања, некои од актуелните решенија би се укинале и да се воведат нови механизми. Еден од тие може да биди државен испит, надворешна евалуација или некој друг тип на евалуација. – изјави Адеми за медиумите.
Од правниот тим на Студентскиот пленум кратко искоментираја дека предлог-концептот онака како што е составен не соодветствува на автономијата на универзитетите согласно нејзиното уредување во Уставот на Република Македонија, како и најзначајните акти донесени на меѓународно рамниште и иако во самиот предлог се истакнува дека тој е конципиран согласно основните начела, меѓу кои и автономијата на универзитетите, сепак, станува збор за грубо кршење на таквата автономија.
Тие исто така велат дека во предлог-концептот, освен што е определено дека испитот ќе се состои од 5 прашања со различна сложеност, нема никакви одредби околу тоа кој и врз основа на која наставна материја ќе ги составува тие прашања. Нема одговор ниту на прашањето кој ќе биде оној што ќе ја оцени сложеноста на самите прашања. Од самата формулација на предлогот произлегува дека сите овие прашања ќе бидат предмет на уредување на подзаконски акт што ќе го донесе министерот за образование, со цел уредување на постапката и начинот на нејзиното спроведување. Со тоа, законодавецот остава преширока основа за навлегување во универзитетската автономија од страна на министерот за образование и наука, кој од субјект без големи овластувања во високото образование може да стане субјект со суштествени овластувања. Ова произлегува од фактот што уредувајќи ги прашањата околу тоа кој и врз основа на која материја ќе ги составува прашањата, министерот на непосреден начин ќе уреди што како наставна материја ќе се предава.
Нивната реакција продолжува со тоа дека остануваат нејасни конкретните причини за изменување на составот на Одборот за акредитација и евалуција, како и промените во поглед на тоа кој ќе ги бира членовите. Според понуденото решение, сите членови ќе ги избира Владата на РМ на јавен оглас, со што се доаѓа до грубо кршење на прокламираната автономија.
Од целосниот предлог може да се забележи дека настанува конфузија, со една цела низа неодговорени прашања, меѓу кои спаѓаат и веќе наведените. Поради тоа, се поставува прашањето дали навистина со оваа мерка властите планираат подобрување на високото образование или пак станува збор за обид на поставување на посуштествена контрола на високо-образовните установи во Република Македонија.
Од Студентскиот Пленум во текот на денот најавуваат поопширна анализа за предлогот за државниот испит од страна на Министерството за образование и наука.