„Матица македонска” објави нова стихозбирка на поетот и литературен критичар Раде Силјан, насловена „Отворена книга”. Книгата е составена од единаесет подолги песни, поделени во три циклуси кои градат една неразделна тематска целина.
За најновото дело на Силјан, академик Матеја Матевски пишува дека тоа е „оптимистички и утописки повик на поет, со оглед на реалноста на белата чума што не опфаќа“. – Оваа молитва претставува ода на животот. Тоа е возвишен солилоквиум, едно хумано чувство што предупредува за загрозите што ги носи човекот во себе…, пишува Матевски.
Раде Силјан е автор на 15 поетски книги и повеќе критичко-есеистички дела посветени на македонската книжевност. Негови дела се преведени на англиски, руски, турски, италијански, полски, романски, унгарски, украински, српски, бугарски, грчки и на латински јазик. Добитник е на национални и меѓународни награди, како и на наградата „11 Октомври“ за животно дело.