Нова медиумска жетва во владиниот рекламен комбајн

Од:

Ајде да те видам соголи се до коска, ајде да те чујам како одлучуваш без твојата омилена телевизија. Ова е стих од песната „Stripped“, која за првпат ја испеа британската поп-група „Депеш мод“ уште во 1986 година. Нивната порака беше јасна, тие ги советуваа фановите да мислат со своја глава и да не носат заклучоци само врз основа на телевизиските прилози.

regionalni televizii - infografik

Точно 28 години подоцна, телевизијата сè уште е првиот извор на информации за македонските граѓани.

Анкетата на Агенцијата за медиуми од јуни 2014 година покажува дека нешто повеќе од 82 отсто од испитаниците секој ден се информираат преку телевизија. Секој трет Македонец „киснел“ пред телевизорот повеќе од четири часа дневно, а од сите што гледаат телевизија, над 80 проценти најчесто седнуваат пред малиот екран кога има вести.

Истражувањето покажало дека од тројца љубители на вести, двајца секогаш следат МТВ, Сител, Канал 5 и Алфа ТВ, медиуми кои се под директна контрола на владата и на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Идејата на нашето истражување, кое го објави порталот Нова тв, беше да откриеме кој ги контролира новите телевизии, кои заедно ќе ја покриваат цела Македонија, а вам ви останува да одлучите дали ќе ги послушате „Депеш мод“!

 

Компјутерџија од МЕПСО – газда на струмичка и на дебарска ТВ

 

Во Македонија работат 27 регионални телевизии, кои може да ги следат гледачите од повеќе општини, меѓутоа шест од нив се посебна, но и многу слична приказна. Без никаква помпа и без јавна промоција, тројца анонимни скопјани лани на ист ден формирале по една фирма. Десет дена подоцна, повторно на ист ден, секој од овие бизнисмени купува по две телевизии.

Сите овие новокупени медиуми се раштркани во сосема различни градови од земјава.

Дебарската телевизија Канал три и ТВ ВТВ од Валандово од минатата година добија нов сопственик. Зад двете телевизии стои скопската фирма „Емперијан визион“, која е формирана на 17 мај 2013 година и нејзин сопственик е 48-годишниот скопјанец Емил Парнаџиски.

Емил Парнаџиски работи во државната компанија за пренос на струја МЕПСО. Неговите обврски таму се поврзани со компјутерите. Му се јавивме на мобилниот телефон и побаравме средба во четири очи, меѓутоа тој сакаше прво да види со какви новинари има работа и затоа побара да му пратиме прашања по електронска пошта. Откако инсистиравме на состанок, Парнаџиски ни рече: „Јас ви требам, вие барате интервју од мене. Јас не барам ништо од вас!“

Прашањата веднаш му ги пративме. Знаеме дека ги добил прашањата, бидејќи користевме посебен софтвер, кој известува дали и кога е отворена пораката, но одговор не добивме.

Она што сакавме да го знаеме е како го стекнал капиталот, за колку пари ги купил двете телевизии, кое е неговото искуство во медиумскиот бизнис и кои му се идните планови. А, пред сè, прашањата се однесуваа на неговите мотиви – зошто бизнисмен од Скопје би купил делчевска телевизија со шестмина вработени и валандовска телевизија со само еден вработен, како што говорат податоците од Агенцијата за медиуми.

Документите од Централниот регистар откриваат дека Парнаџиски платил 19.000 евра за ТВ ВТВ на валандовчаните Тони Донев и Димче Балески, додека за дебарската Канал три платил 16.000 евра, и тоа на Јасер и Арслан Елезовски, од село Мал Папрадник. Арслан Елезовски не сакаше да зборува за зделката во која ја продал Канал три и љубезно го прекина кусиот телефонски разговор.

Во меѓувреме, валандовската ТВ ВТВ почнува да се развива. Таа добива ново име – Телекабел А1 и се сели во Струмица – една од четирите општини во Македонија, каде што власта е во рацете на опозицијата.

Струмичката Телекабел А1 од скоро може да се пофали со нова, ултрамодерна опрема, како и со престижни камери од марката „сони“, а како што јави локалниот сајт, „Струмица денес“ телевизијата е сместена во простор од 180 квадрати и во етер ќе зрачи во најквалитетна резолуција.

Човекот што ја води целата операција во новата струмичка телевизија е Петар Трајков. На позицијата главен и одговорен уредник во Телеканал А1 доаѓа од струмичкиот затвор, каде што работел како службеник кој прибележувал кој доаѓал да одлежи казна, а кој заминува на слобода. Претходно, Трајков повеќе години работел како полициски службеник во Секторот за аналитика. Член е и активист во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а во доцните 1990-ти бил дел од партијата Демократска алтернатива основана од Васил Тупурковски. Во моментов е актуелен како дел од тимот што го изработи документарниот филм за балканската пророчица Баба Ванѓа во продукција на националната телевизија Канал 5, а со средства од македонската влада.

 

Од директор во „Лотарија“, преку ФК Вардар до газда на две телевизии

 

На истиот ден, 28 мај 2013 година, нов газда добиваат и делчевската Д1 телевизија и ТВ Боем од Кичево. Првата телевизија, според податоците од Агенцијата за медиуми, има петмина вработени, а втората само двајца. Зад двете телевизии сега стои скопската фирма „ГМ трејд солушнс“, која е формирана десет дена пред склучувањето на купопродажниот договор и нејзин сопственик е 46-годишниот скопјанец Горан Митев.

Горан Митев од 2009 до 2012 година работел во Државната лотарија, каде што одредено време му бил заменик на директорот Дане Кузмановски, инаку познат скопски бизнисмен. Од Државната лотарија заминува на позицијата извршен директор на фудбалскиот клуб Вардар, каде што останува сѐ до февруари 2014 година.

Во моментов, Митев е директор на младинските школи во фудбалскиот клуб Вардар. Од почетокот на оваа година е во рацете на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. И Митев, како и неговиот „медиумски близнак“ Парнаџиски избегна средба со нас. При првиот контакт прифати состанок, меѓутоа подоцна престана да одговора на нашите телефонски повици и пораки. Идентично како кај Парнаџиски, и кај Горан Митев нè интересираше како го стекнал капиталот, за колку пари ги купил двете телевизии, кое е неговото искуство во медиумскиот бизнис и кои му се идните планови.

Според официјалните документи, Митев за ТВ Боем му платил 21.000 евра на кичевецот Слободан Меноски, додека Телевизија Д1 ја пазарил за 15.000 евра од делчевецот Слободан Дамјанов. Дамјанов во кусиот телефонски разговор ни посочи: „Приватен живот е тоа, исто како да Ве прашам Вас зошто вчера, на пример, сте направиле некаква трансакција преку Комерцијална банка!“

Неговиот истоименик од Кичево, Слободан Меноски, поранешниот газда на ТВ Боем, само коментираше дека „уште не се завршени работите“. ТВ Боем, под новото име ХДТВ мега, ќе емитува програма од Битола, додека ТВ Д1, под новото име ХДТВ канал плус, ќе зрачи од Штип. Седиштето на оваа нова штипска телевизија, според нашите информации, е во просториите на поранешната текстилна фабрика „Македонка“. И таму, како во претходниот случај се зборува за големи вложувања во модерни камери и најнова опрема.

 

Уште еден фудбалски функционер дел од новата медиумска слика

 

Лани на 17 мај , исто како „Емперијан визион“ и „ГМ трејд солушнс“, формирана e уште една компанија во Скопје, која по десет дена, на 28 мај 2013 станува сопственик на две телевизии од различни градови во Македонија. Станува збор за компанијата „ДМТ продакшн“, каде што како сопственик се јавува 48-годишниот скопјанец Драган Митковски. Тој сега е газда на охридската Независна ТВ (со еден вработен) и на тетовската Менада ТВ (со четворица вработени).

Драган Митковски е основач на сметководственото биро „Митковски ММ“ и е прв човек на Комората на сметководители во склоп на Сојузот на стопански комори. Тој бил потпретседател на фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров, а сега е претседател на комисијата за финансиско работење на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Митковски прифати да разговара со нас, меѓутоа кога требаше да ја договориме средбата, телефонот му беше исклучен цел ден.

Драган Митковски, за охридската Независна ТВ, му платил 22.000 евра на поранешниот сопственик Зоран Стефановски и вкупно 25.000 евра за тетовската ТВ Менада на поранешните газди Тошо Маркоски и Дарко Ристовски. Поранешниот сопственик на охридската Независна ТВ, по ново О2, Зоран Стефановски не беше расположен за муабет, меѓутоа позборлив беше тетовецот, Тошо Маркоски, кој беше доминантниот сопственик во ТВ Менада.

„Како сè на планетава што се продава, така се продаваат и медиумите. Тоа е деловна тајна. Сè е транспарентно, можете да видите во Централниот регистар и сè е направено според закон“.

 

По продажбата, почнуваат да се трупаат и владините реклами

 

Тројцата нови газди платиле 118.000 евра за да ги купат шесте регионални телевизии за кои се најавуваат амбициозни планови и затоа прашање е колку пари ќе се потрошат пред телевизиите да проработат во полн сјај. Клучното прашање е зошто новите и старите газди на овие медиуми не сакаат да говорат за своите зделки?

Емил Парнаџиски, Горан Митев и Драган Митковски не сакаа да ја одгатнат ниту мистеријата како тоа, сите тројца формирале фирма на ист ден и точно десет дена подоцна си купиле по две телевизии од внатрешноста. Колку и дали тројцата скопјани се случајни играчи во овој медиумски бизнис? Тимот на Медиа Педиа нема докази за поврзаност на Митев, Парнаџиски и Митковски со медиумските центри на моќ, но затоа тука се владините реклами и кампањи да нè потсетат за симпатиите на власта кон одредени медиуми, кога станува збор за раздавањето буџетски пари.

Владата никогаш не кажа колку пари дава на секој медиум одделно за одредена владина реклама. Но, направи барем еден чекор напред, па на владината веб-страница објави која кампања по колку пати се емитувала на секој медиум. Она што може да се забележи е дека до 2014 година, владините реклами биле рамномерно распоредувани по локалните и по регионалните телевизии. Но, во 2014 година, овие шест телевизии нагло почнуваат да добиваат стотици реклами повеќе отколку другите медиуми.

Колку за илустрација, во 2012 година, владата ја спроведуваше кампањата за „подигање на свесноста на граѓаните за поттикнување на иновативниот дух и креативната мисла во Република Македонија“. Сите регионални и локални телевизии во Македонија имале ист број емитувања – по 260.

Истата година, 2012, владата преку медиумите ги промовирала вредностите од меѓуетничкиот и од меѓурелигискиот соживот. Емитувањата на локалните и на регионалните телевизии повторно се исти – 140 емитувања за секој, освен за три телевизии кои имале 256 емитувања.

Слична е ситуацијата и со владините реклами во 2013 година. Во 2014 година, пак, овие шест медиуми буквално се затрупани со владини реклами. За владиниот серијал „Истражи ја Македонија“, најголемиот број локални и регионални медиуми имале од 33 до 140 емитувања.

Но, тоа не е случај со шесте тазе купени телевизии. Ако ТВ НТВ во времето на стариот сопственик добивала по околу 200 емитувања на владини реклами, со новите газди бројката рипнала шесткратно. На пример, само серијалот „Истражи ја Македонија“ на ТВ НТВ бил емитуван дури 1.139 пати, десетина пати повеќе од она што добиле другите медиуми. На ист начин новите газди им го промениле касметот и на другите пет телевизии за кои пишувавме претходно – на ТВ ВТВ оваа кампања била емитувана 1.149 пати, исто колку и на Д1 Делчево, ТВ Менада, ТВ БОЕМ, ТВ Златен канал.

 

Буквално истата статистика може да се види и за владината кампања за „информирање и запознавање на граѓаните за нивните права што се овозможуваат со реформите во функционирањето на судскиот систем во Република Македонија“. Локалните и регионалните телевизии имале од 46 до 104 емитувања, освен гореспоменатите телевизии. Сите до една имаат по точно 1.039 емитувања на оваа владината кампања.

Колку пари се слеале на нивните сметки од контото на буџетот останува нејасно. Од Владата не одговорија на нашите барања за пристап до информации од јавен карактер за тоа колку пари се слеале во секој медиум одделно, за секоја кампања.

 

Автори: Мери Јордановска, Владо Апостолов и Сашка Цветковска
(Оваа публикација е развиена во рамките на проектот со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Содржината на оваа публикација е во целосна одговорност на авторите и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Норвешка) 

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on