Денеска во Холидеј Ин, во организација на Младински образовен форум се одржа тркалезна маса на тема „Насилство помеѓу учениците од средно училиште“, на која беше презентирано истражувањето кое се однесува на застапеноста на насилството, формите и неговата манифестација во различните средини.
Публикацијата „Насилство кај средношколци“ која беше промовирана на трибината е резултат на истражувањето спроведено од февруари до април 2014 со кластерски рандомизиран примерок. Во истражувањето се опфатени 2476 испитаници и 31 средно училиште.
Моника Божиновска, главен истражувач на спроведеното истражување ги претстави наодите и анализата. Според истражувањето, речиси половина од учениците не се чувствуваат безбедно во училиште, населбите во кои не живеат, на патот до училиште, во автобус или автобуска станица. Четвртина од средношколците „турнале или удриле шамар“ на некого во изминатите 30 дена, додека 19,6 % од испитаните ученици имале „физичка пресметка“, а 7,7% „влечеле за коса, алишта или терале да прави нешто што другиот не сакал да направи“.
Истражувањето ја испитуваше и перцепцијата на средношколците за достапност до оружје, од каде за 44% од учениците сметаат дека набавувањето на пиштол е „многу лесно“ или „релативно лесно“, за 36,7% е „тешко“да се изведе, а само за 19,2% е „невозможно“. 4,1% од учениците во текот на годината со себе носеле „пиштол“, а 2,5% биле на училиште со „пиштол“. 6,8 % од учениците со себе носеле „друг вид на оружје од нож и пиштол“, а 4% изјавиле дека носеле „друг вид на оружје“ во училиште.
Според резултатите утврдено е дека не постои статистички значајна разлика во степенот на манифестирано насилно однесување помеѓу учениците кои живеат во етнички хетерогена или хомогена средина, но постои разлика во перцепцијата за достапноста на оружје помеѓу средношколците во овие средини.
Елена Ивановска, раководител на Сектор за основно и средно образование укажа на мерките кои се прземени од страна на Министерство за образование и наука за да се превенира насилството. Според МОН, пред се вработени се стручни соработници во училишта, а се работи и на зајакнување на службите и вработување на дефектолози. Со измените на Законот за основно и средно образование, предвидени се советувања на ученици и родители, со што се зајакнува семејната компонента. Дополнително се работи на едукација на учениците, особено во запознавање со типовите на кривични дела но и однесувањата кои можат да доведат до насилство.
Миле Гиновски, претседател на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво ги поздрави квантитативните анализи, кои досега биле од помош при креирање на стратегии за справување со насилство, но посочи дека има потреба од квалитативни информации за подобро да го разбереме проблемот. Г-динот Гиновски, исто така посочи дека е потребно вклучување на учениците во процесот на донесување на политики за справување со насилство, за да можеме да разбереме зошто истото се случува.
Ива Михајловска од канцеларијата на Народниот правобранител, нагласи дека потребно е зајакнување на психолошко-педагошки служби, односно повторно стекнување со едукативениот и морален авторитетот и статусот кое службите го имале во минатото. Таа посочи дека соработката меѓу институциите дава резултати, и треба да се активираат повеќе засегнати страни, како на пример локалната самоуправа, во чиј состав функционираат локални совети за превенција на малолетничко насилство.
Ана Поп Ризова, психолог во средното училиште Орце Николов, зборуваше за предзивиците со кои се соочуваат психолошко- педагошки служби. Дел од причините за неефикасноста на службите, г-ѓа Поп Ризова ги лоцира во преоптоварувањето со активности од административен карактер, недоволна финансиска стимулација и непропорционалност на големината на службата со бројот на ученици кои таа треба да ги опслужува. Таа посочи дека формите на насилство се менуваат, и потребно е нивно вклучување во правилниците или законската регулатива за да може соодветно да се одговори.
Шаип Зенели, Директор на средно училиште “Цветан Димов“, се осврна на факторите кои допринесуваат за појава на насилство кај учениците. Тој посочи дека најчесто учениците не го иницираат сами, туку дека насилството е предизвикано некаде или од некого. Една од главните причини за манифестација на насилство е постоењето на стереотипи и предрасуди, за што домашното опкружување е клучен фактор. Особено важно е да се спречи злоупотребата на учениците пред и за време на изборните процеси.
По говорите на панелистите и гостите, присутните дискутираа за ефикасноста на постоечките мерки, важни области на делување како и потребата од третирање на специфични прашања како: мотиви за манифестирање на насилно однесување, спроведување на програмата за интегрирано образование, како и начини справување со говор на омраза.