Египетскиот суд денеска почна со изрекувањето на пресудата на поранешниот претседател на Египет Хосни Мубарак во повтореното судење, четири години после неговото симнување од власт.
На почетокот Мубарак е ослободен од обвиненијата за корупција при набавувањето природен гас од Израел, а потоа и дека учествувал во масовното убиство на демонстранти за време на немирите. Дел од западните медиуми соопштуваат дека се повлечени обвиненијата за убиства.
Мубарак беше обвинет дека со седуммина поранешни командири е вмешан во убиството на стотина демонстранти за време на протестите во 2011 година кои доведоа до крајот на неговото тридецениско владеење.
Жалбениот совет првобитната доживотна казна ја поништи во 2012 година поради технички причини. Новата пресуда требаше да биде изречена на 27 септември, но главниот судија Махмуд Камел ал Рашиди ја одложи, затоа што не завршил со пишувањето на образложението.
По ослободителната пресуда, неименуван судски функционер инаведе дека Мубарак сепак нема да може да излезе од затвор бидејќи се наоѓа на отслужување тригодишна затворска казна, во одвоен случај на корупција.
И поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал Адли и шестмината негови помошници се ослободени од судот, кои беа обвинети за убиство на демонстранти во 2011 година.
Мубарак, од воената болница во судот беше пренесен со хеликоптер, а полицијата го зајакна своето присуство, така што во Каиро се распоредени 5.000 полицајци.