Најмалку три лица загинаа и десетици се повредени во жестоки судири меѓу полицијата и исламисти во главниот град на Египет. Судирите меѓу полицијата и приврзаници на соборениот од власт претседател Мохамед Морси почнале по петочната молитва.
Полицијата употребила солзавец, а организаторите – радикалното движење Салафистички фронт, соопштија дека „силите за безбедност отвориле оган и оти се убиени нивни членови“.
Западни медиуми јавуваат дека демонстрантите користат „молотови коктели“. Салафитскиот фронт преку интернет ги повика Египќаните денеска да учествуваат во „револуција на муслиманската младина“ чија цел е „враќање на исламските вредности, прекин на хегемонијата на Западот и симнување од власт на воената хунта“.
Армијата презеде контрола врз објекти од витална важност на територијата на целата држава додека над Каиро неколку пати прелетуваат полициски хеликоптери. Американски медиуми јавија дека двајца египетски офицери биле убиени денеска, а силите за безбедност уапсиле повеќе до 100 исламисти пред планираните антивладини демонстрации.