Шефот на парламентарната група на Народен фронт, Александар Турчинов, партија на украинскиот премиер Арсениј Јацењук, денеска поднесе во Врховната рада предлог-закон за одземање на специјалниот статус на реоните во Донбас, кои се контролирани од проруските бунтовници.
На 3 ноември, еден ден откако во самопрогласените Доњецка Народна Република и Луганска Народна Република беа одржани претседателски и парламентарни избори, украинскиот претседател Петро Порошенко истакна дека ќе го стави на разгледување одземањето на овластувањата за самоуправување на овие две области.
Најмалку два цивила, меѓу кои едно дете, беа убиени, а петмина повредени денеска попладне при новите бомбардирања на Доњецк, соопшти регионалното Министерство за вонредни ситуации. Најмалку 10 згради биле погодени при нападот со ракети „град“.
Според податоците на ОН, од април досега се убиени над 4.300 лица во конфликтот во источниот дел на Украина.