Престедателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изутринава пред европратениците во Стразбур официјално го претстави водечкиот проект на неговиот мандат – планот за инвестиции во износ од 315 милијарди евра, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Целта на планот е да се ре-лансира економскиот раст на Европа, воглавно со привлекување на приватни фондови поддржани од тие на ЕУ.
Планот за инвестиции поаѓа од констатацијата дека инвестициите во Европа се за 15 отсто помали од тие во 2007 година, со што се спречува излегувањето од кризата. Притоа приватните инвеститори не инвестираат многу, а јавните инвестици се се поретки поради буџетските штедења.
Со планот се предвидуваат да се создадат 1,3 милиони работни места до крајот на 2017 година, како и пораст на ДБП на ЕУ од 300 до 400 милијарди евра, односно 2,3 отсто повеќе на економски раст, со што се сака да се избегне стариот континент да се најде зад Азија и Северна Америка.
Пред новинарите, претседтелот на ЕП, Мартин Шулц веднаш по претставувањето на планот со доза на реалност констатираше:
„Планот можеби не е решение на проблемот, туку голема шанса за да се промени нешто во финансиската политика на Европската Унија“. Потоа тој додаде дека со овај план „се отвора нова надеж за економска реприза во земјите члнеки“. Со него „се става крај“ на досегашниот впечаток дека „се посакува неуспех на Европа“, бидејќи јавно е истакнато дека сега во европските институции ЕК и ЕП „постои волја за успех“.
Претседателот Жан-Клод Јункер нагласувајќи дека неговиот план „не треба ниту да се потценува, ниту да се надценува“, тој треба да се гледа заедно со другите мерки кои ќе бидат претставени од комисијата до крајот на годинава.
Планот според финансиските и економските стручњаци се покажува доста сложен. Тој е предвиден да трае три години и за него ќе се грижи Европската банка за инвестиции (ЕБИ). Оваа банка е со солидна репутација на финансиски план и таа е оценета со тројно А од агенциите за нотација, но токму поради овј избор, планот се оценува како срамежлив.
Комисијата предлага на ЕБИ да и се довери раководењето со новиот Европски фонд за стратегиски инвестиции, кои ќе ги поддржува проектите кои се поризчни од тие кои што вообичаено ги финансира.
Фондот ќе располага со 16 милијарди евра на гаранции кои доаѓаат од буџетот на ЕУ, од кои се веќе постоечки буџетски средства. Ним ќе им се додадат уште пет милијарди од ЕБИ, односно вкупни 21 милијарда евра.
Сумата изгледа мала во однос на најавените амбиции за план од 315 милијарди евра, но овие 21 милијарда ќе служат како амортизер за ризиците, односно како магнет за приватните фондови кои сега не се инвестирани во реалната економија.
Приоритет ќе им биде даден на стратегиските инфраструктури како дигиталните или енергијата, но исто така транспортот, образованието, науката и новаторството, за што се предвидуваат 240 милијарди евра.
Додека 75 милијарди евра ќе бидат наменети за малите и средните претпријатија, кои најчесто имаат проблеми со изнаоѓање на инвестиции.
Планот предвидува државите исто така да придонесат со свои придонеси во него, но притоа им се дава гаранција, посебно на Германија, дека тоа не е задолжително. Сумите кои ќе бидат ставени во планот од државите членки, нема да бидат пресметувани во дефицитот или нивниот долг.