Најмалку 18 лица загинаа, а неколкумина се повредени изутринава при уривање на станбена зграда во предградие на Каиро, соопшти египетската полиција.
Спасувачките екипи трагаат по преживеани под урнатините, каде се претпоставува дека има уште луѓе.
Шесткатната зграда се наоѓа во сиромашниот кварт Ал Матарија. Според првичните информации, причина за несреќата е експлозија на гас во еден од становите, но претставници на градската власт претпоставуваат и дека до уривање на зградата дошло поради недозволена доградба на неколку дополнителни катови над оригиналниот градежен план.
При уривањето биле уништени и две соседни згради, кои имале заеднички ѕидови со шесткатницата. Нивните станари биле успешно евакуирани.
Египетското Обвинителство побара да биде формирана специјална комисија при Министерството за градежништво, која ќе ја истражува несреќата.
Во Египет се чести ваквите несреќи, поради лошиот квалитет на градба во посиромашните населби и делови од земјата.