Во четврток со почеток во 21 часот, во клубот ГЕМ ќе биде промовирана книгата „Невозможни исповеди: Субјект, моќ и етика“ од Славчо Димитров, во издание на Галикул.
За книгата ќе говорат проф. Јелисавета Блогојевиќ, филозоф и квир и родова теоретичарка, од Факултетот за медиуми и комуникации -Сингидунум во Беград и проф. Јасна Котеска, книжевна теоретичарка и теоретичарка на културата, од УКИМ, Скопје.
Книгата „Невозможни исповеди: Субјект, моќ и етика“ од Славчо Димитров ги иследува и проблематизира комплексните и многустрани модуси на испреплетување и сопоставување, низ современ и дијахрониски ракурс, на дискурсите на исповед и конституцијата, перформацијата и деконструкцијата на категоријата на субјектот како доминанта епистемолошка и политичка оска на Западната европска цивилизација.
Во својата книга Славчо Димитров овој значаен теориски проект успешно го реализира преку интеграција на неколку клучни методолошки парадигми, длабинско исчитување на оригинална и секундарна теориска и книжевна литература, како и преку критичка анализа на етичките и политички импликации на овие поими.
Текстот нуди сериозна рефлексија врз хоризонтот на можности за преосмислување на политичкото живеење, политиките на отпор и идентитет, етичката релација со Другиот и демократијата како најгорливи прашања во актуелната политичко-филозофска и културолошка дебата во светски рамки.
Книгата е издадена на македонски и англиски јазик во издавачката програма на Галикул за 2014 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура.