Ветувањата за отплата на обврските кон стопанството, зголемувањето на пензиите и социјалната помош се направени по прецизни анализи и во буџетот за наредната година ќе бидат ставени точни износи за нивно финансирање.
Ова го тврди министерот за финасии Зоран Ставрески кој рече дека ветувањето е направено врз основа на опсежни, сериозни, внимателни пресметки и подготовки.
Тој кажа дека со средствата што ќе се добијат од комерцијалните банки со гаранција од Светската банка ќе биде финансиран целокупниот буџетски дефицит, односно дека ќе се финансираат сите инфраструктурни проекти, крупните капитални проекти, отплатата на долгот, зголемувањето на пензиите и слично.
„Тие пари што ќе ги добиеме, кои во оваа фаза приближно се 200 до 250 милиони евра, ќе бидат наменети за сите потереби на буџетот, појасни Ставрески и додаде дека средствата ќе се добијат во јануари 2013 година и оти се наменети за финансирање на буџетот во 2013 година и зависно од околностите дел може да остане за 2014 година“, рече Ставрески.
Тој кажа дека за годинава не се планира ниту ребаланс на буџетот ниту одлука и смета дека предлогот на опозицијата за ребаланс не е добар, бидејќи тоа би значело дополнително продлабочување на проблемите за економијата.
„Сметаме дека државата треба да даде поддршка преку комплетна реализација на капиталните инвестиции и сите расходи во буџетот за да се одржи агрегатната побарувачка на повисоко ниво и затоа, во консултација со стопанствениците, предложивме да дадеме поддршка преку целосна реализација на расходите и да нема ребаланс“, рече Ставрески.