Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска им одаде почит на жртвите на гладта, која Украина ја почуствува за време на владеењето на Сталин, и притоа направи паралела со сегашниот конфликт со проруските сепаратисти во источниот дел на земјата, пренесоа француските медиуми.
Заедно со премиерот Арсениј Јацењук и неколку членови на Владата Порошенко положи венец пред споменикот на милионите жртви на гладта за време на колективизацијата на земјоделието во текот на 30-те години на минатиот век. Порошенко и неговата сопруга потоа клекнаа пред споменикот.
-И тогаш против Украина се водела необјавена, но вистинска војна, рече Порошенко, правејќи паралела со конфликтот меѓу украинската армија и проруските бунтовници, што трае веќе седум месеци.
Големата глад во Украина, од 1932-1933 година, ја предизвикала смртта на неколку милиони лица и оставила големи трауми во спомените на земјата. Голем дел од историчарите денеска се согласни дека одговорноста за „холодоморот“ ја сносат советските власти и Јосиф Сталин, но се уште се прашуваат дали не станува збор за намерна политика.
-Се чини дека потомците на Сталин, Каганович и Постишев (кои се сметаат за архитектите на масовната смрт од гладта) не се исчезнати во маглата на историјата. Тие водат крвава војна на територијата на источна Украина. Таму се повторуваат злосторничките активности од таа епоха, дополни Порошенко.