Стотина книги од хрватски јазик се преведени на македонски во изминатите две децении, што не е и обратен случај – македонските автори се многу помалку преведени и застапени на хрватскиот пазар. На две главни причини се должи таквата несразмерност – нема преведувачи од македонски на хрватски јазик и нема системско преведување и пласирање на македонските дела.
Учесниците на денешната трибина за современите македонско-хрватски книжевни релации и модели на пласман оценија дека писателите се оставени сами на себе кога е во прашање наоѓање издавач и преводите ги обезбедуваат преку лични контакти. Проблем е и отсуството на книжевна критика во дневниот печат која е важна за претставување на книжевното дело пред читателот.
Писателот и проф. по Нова хрватска книжевност на Филолошкиот факултет Венко Андоновски, кој беше модератор на трибината, спомна дека поминале 11 години од објавата на неговиот роман „Папокот на светот“ до појавата на хрватскиот превод и тоа се случило по приватно познанство со издавачот.
„Македонска реч“ има најголем број преведени дела од хрватски на македнски јазик: 22 од 15-ина автори. Сопственикот Нове Цветановски рече дека 80 отсто од книгите се наградувани или биле во потесен избор за награди, а ги избира како што рече откако ќе процени дека е вредно во хрватската литература.
Голем број од преводите ги објавил со поддршка на Министерството за култура на Хрватска за кое рече дека има еден од најдобите модели за афирмација на хрватската литература во светот и овозможило услови странски издавачи на конкурс отворен во целата година да објавуваат хрватска литература.
– Тоа не се големи грантови, но начинот е најдинамичен и најконкретен, рече Цветановски кој беше меѓу иницијаторите и учесниците во креирањето на конкурсот за странски издавачи кој почна да го објавува и Министерството за култура на РМ. – Се ндевам дека разликата на објавени дела меѓу Македонија и Хрватска ќе се ублажи со нашиот конкурс, истакна Цветановски. Додаде дека на македонскиот пазар воопшто послаба е продажбата на дела од словенскиот свет, и дека и врвни дела од руски или полски автори кои добро се продаваат на Запад, овде остануваат незабележани.
И Александар Прокопиев ја пофали културната политика на Хрватска. – Културната политика во Хрватска е перфектна. Министерството за култура има оддел за маркетинг кој нема никакви политички или политикански интереси, рече Прокопиев, според кого единствена шанса за пласман на македонските творци е да се формира добро организирана менаџерска агенција. Потребни се, рече тој, и нови преведувачи, зашто единствен официјален преведувач од македонски на хрватски е се уште проф. Борислав Павловски кој живее и работи во Загреб,
Преведувачки потенцијал се очекува од Лекторатот во Риека, каде што има најголем број слушатели од сите лекторати по македонски јазик во светот.
Загрепскиот поет и уредник на „Кворум“ Бранко Чегец рече дека до хрватскиот читател малку допира и литератрата од други земји од регионот, а не само од Македонија, и смета дека книгите се видливи преку маркетингот и со медиумска поддршка.
– Сцената во Македонија е жива и има цела низа интересни автори кои веројатно би имале некоја своја публика во Хрватска. Но прашањето е како да се презентираат, рече Чегец за кого клучен е маркетингот и затоа книгите од Запад имаат толку голем одек. – Целата работа така е веќе одработена, што во нашите размени и преводи не се случува. Многу е тешко да се спакуваат нашите меѓусебни преводи така што ќе постигнат широк ефект преку читателите. Ние засега работиме нешто што е културолошка работа, рече Чегец.
Есеистката од Осиек Хелена Саблиќ-Томиќ смета дека треба да постои систем за превод на авторите, а не преводите да бидат фрагментарни, инцидентни и договорени преку приватни контакти.
– Се забележува дема нема библиотеки или издавачи кои ќе се занимаваат со преведување и презентирање автори од одреден простор. Кога би постоело тоа, ние би имале попрегледна слика, на пример за современата македонска проза, како што и македонските читатели би имале попрегледна слика за хрватската современа продукција, рече Саблиќ-Томиќ.
Чекор во унапредувањето на книжевната соработка меѓу двете земји е договорот за соработка меѓу националаните и универзитетски библиотеки од Скопје и Загреб, кој денеска го потпишаа нивните директори Иван Заров и Дуња Сајтер-Шверко.
Трибината беше во рамки на Деновите на хрватската книжевност во Македонија, организирана од НУБ „Св. Климент Охридски“, во чии рамки во холот на Библитеката е отворена и изложба на хрватски дела преведени и објавени на македонски јазик.