Македонската филхармонија вечер ќе одржи симфониски концерт насловен „Бурлеска“ под диригентство на маестро Кристијан Мандеал од Романија, кого го нарекуваат наследникот на славниот Херберт фон Карајан.
На сцената како солист на пијано ќе настапи Оксана Корјос, една од најзначајните пијанистки на својата генерација, исто така од Романија, која ќе ја изведе возбудливата Бурлеска за пијано и оркестар од големиот германски романтичар Рихард Штраус.
Под палката на реномираниот Мандеал, Македонската филхармонија ќе ја изведе и Симфониската поема „Размислување“од втемелувачот на современиот македонски симфонизам, Благоја Ивановски, како и една од најзиведуваните и најпознатите симфонии воопшто во музичката литература – Симфонија бр.9 наречена „Од Новиот свет“, од чешкиот композитор Антонин Дворжак.