Во охридски ЕМО владее тотална лудница, му се пожалија стотина вработени во некогашниот охридски гигант на Народниот правобранител. Спонтано се собраа пред општинската зграда во Охрид, каде повеќе од 2 часа чекаа да дојде правобрабителот.
Му кажаа дека со години се без пари и здравствено осигурување и оти поминуваат низ вистинска голгота. Рекоа оти не можат да ги добијат заостанати плати кои што компанијата им ги должела за изминативе години работа. Има и такви кои од ЕМО бараат да им бидат исплатени и по 40 и 50 заостанати плати. Прашуваат како може заостанати платите да им се исплаќаат само на оние кои во моментов оделе на работа, додека на поранешните вработени не?
„Моментално во ЕМО е тотална лудница, никој ништо не знае. И тие што одат на работа за џабе одат на работа. За 4 години ЕМО ни должи по 40 плати. Јас и сопругот заедно бевме на работа во ЕМО, од 1979 година. И двајцата не исфрлија партиски, и сега може да замислете како ние сега преживуваме“, рече Зорица Арнаудова.
„Ние што си заминавме пред нова година како технолошки вишок, нас тоа не ни следувало, тие до 31. јануари 2011. година што се нашле на работа, нив им исплатија. А им ги исплатија како заостанати плати“, рече Зоран Дузлески.
„Работев 40 години во ЕМО. Сум работел чесно, а сега на крајот не можам да си го добијам заслуженото“, вели Славе Кумбароски.
Вработените велат дека иако ги добиле судските спорови против компанијата, извршителите не можеле да постапат кон наплата на средствата.
„Во ЕМО не се исплатени плати, во некои дооели скоро и 5 години. Извршни решенија има веќе за исплата на плати, и тие не се извршни. Од кои причини не знаеме. Извршителите само креваат раменици. Сега се поделија некој плати, не знаеме како ги поделија и врз основа на што ги поделија. Тие што одат на работа сега им поделија плати“, рече Лиљана Рилкова.
Заменик народниот правобранител вели дека случајот ЕМО е комлексен но оти ќе настојуваат да им помогнат на засегнатите.
Луѓето навистина се засегнати со овој случај, некој не земале плата, некој заминале во редовна пензија но немаат отпремнина добиено што им следува по закон. Луѓето и тужби поднесувале и такси плаќале но одговорите не се адекватни вели Даут Селими Заменик Народен правобранител на Македонија.Од компанијата велат дека владата досега обезбедила 70 % од средствата за исплата на работниците, а во наредниот број ќе следува реорганизација и сведување на бројот на вработени на потребниот.
Од некогашните 3.500 вработени во ЕМО сега работат околу 1500. Овие луѓе велат дека компанијата удолницата ја фатила на почетокот на 90-те години, додека најубавите години биле осумдесеттите кога ЕМО работел и на далечниот исток во Ирак. Министерот за економија Ваљон Сарачини неодамна најави дека имало многу заинтересирани компании за ЕМО и оти владата ќе понудела порелаксирани услови за потенцијалните инвеститори. Чекале извештај од бирото за судски вештачења за вредноста на акциите на ЕМО.
Мики Трајковски