Индискиот духовен лидер Сант Баба Рампал, баран на сослушување за убиство во 2006 година и за непочитување на судот, е уапсен денеска, ден по упадот на индиската полиција во религиозен комплекс во сојузната држава Харана, јави ДПА.
Самопрогласениот гуру, инженер по професија, се криеше во религиозен комплекс, користејќи над 10 илјади приврзаници како жив штит. Индиската телевизија „Тајмс нау“ објави дека Рампал бил изнесен со амбулантно возило од религиозниот комплекс, што се простира на пет хектари површина, на 175 километри од Њу Делхи.
Најмалку шест лица се убиени во судирите меѓу индиската полиција и проврзаниците на 63-годишниот Рампал. Полицискиот упад со булдужери, палки и солзавец беше извршен вчера, откако во понеделникот истече ултиматумот кон Рампал да се појави на суд.
– Рампал се става над законите во земјата. Гуруто и неговите приврзаници отворено се противат на властите и судскиот систем, изјави судски службеник.
Според проценките, денеска во религиозниот комплекс имало околу 5.000 привразаници на Рампал, откако вчера привразаниците со пиштоли, палки и камења успеале да го одбијат упадот на полицијата. Околу 200 лица се повредени, вклучително и полицајци.
Изутринава приврзаниците предале четири тела на жени на полицијата, за кои се верува дека загинале во нападот. Подоцна, уште една жена и 18-месечно дете починаа во болница. Причините за смртта на жртвите засега се нејасни.