Беровското „Водостопанство“ на осум вработени им должи 11 неисплатени плати, за што тие на браната на Беровско езеро со мирни протести на своите работни места го манифестираат незадоволството и се закануваат со порадикални потези, информира Горан Кажлевски, претседател на синдикалната организација.
– Јавното претпријатие „Водостопанство“ со години има блокирана сметка за износ од 2.000.000 денари, што создава проблеми во целокупното работење, посебно во исплатата на платите на вработените, вели директорот Атанас Атанасов.
Тој информира дека поднел барање за присилна наплата на сума од 1.300.000 денари долг од Јавното комунално претпријатие „Услуга“ на кое „Водостопанство“ му испорачува вода по цена од 2,30 денари за кубен метар, што е нанјниска во земјава.
Градоначалникот на Берово Драги Наџински вели дека нема ингеренции за решавање на проблемот бидејќи ЈП „Водостопанство„ не е во општинска, туку во државна надлежност.
Наџински најави заедничка средба со директорите на јавните претпријатија „Услуга“ и „Водостопанство“, на која ќе се разгледа можноста долговите за испорачаната вода преку цесија да се преведат дирекно на сметките на вработените на „Водостопанство“.