По повод стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, амбасадите на Република Франција и на Сојузна Република Германија во Македонија, денеска заедно ќе го одбележат 11 Ноември, датумот на кој во 1918 година било потпишано примирје и ставен крај на непријателствата.
Заеднички церемонии ќе се одржат на Француските воени гробишта во Битола, каде што говор во сеќавање на жртвите ќе одржи амбасадорката на Германија Кристине Алтхаузер, а на Германските воени гробишта во Прилеп ќе говори амбасадорката на Франција Лоренс Оер.
Целта на заедничката комеморација е симболично да се покаже француско-германското помирување и пријателство.
– На овој ден на сеќавање ќе им се оддаде почит на сите мртви, ранети, исчезнати и раселени лица, на жртвите на насилство и ранети лица од сите војни и сите народи, се вели во заедничкото соопштение од двете амбасади.
Венец цвеќе на воените гробишта во Битола и во Прилеп ќе положи и делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од потпретседателот Антонио Милошоски, министерот за одбрана Зоран Јолевски, како и претставници на локалните власти и на дипломатскиот кор во Македонија.