Поштенската служба на САД соопшти дека била жртва на хакерски напад, што може да доведе до недозволен пристап до личните информации на над 800.000 нејзини службеници, како и личните податоци на клиенти.
ФБИ и други федерални агенции водат истрага за нападот.
Меѓу личните податоци, до кои е можно напаѓачите да имале пристап, се имиња, датуми на раѓање, лични броеви од Социјалното осигурување, адреси, лица за врски при итни случаи и други информации. Кај клиентите, кои се поврзале со Центарот за поддршка во периодот меѓу јануари и август, можно е да бидат откриени нивните телефонски броеви, електронските пошти и други податоци.
Портпаролот на американската Пошта, Дејвид Партенхајмер изјави дека нападот бил со ограничен размер и сите дејности на службата се одвиваат нормално.