Генералниот секретар на Собранието на Република Македонија Жарко Денковски да изготви листа за присутноста, односно редовноста на пратениците и да ја достави најдоцна во понеделник на координативниот состанок, е заклучокот од денешната координација на пратеничките групи во Собранието.
За ова по координацијата информираше потпретседателот на Собранието Рафиз Алити.
Се очекува откако листата ќе биде подготвена да биде доставена до собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која во рок од 15 дена откако ќе ја добие треба да ја стави на дневен ред на собраниска седница.
Денеска истекуваат шест месеци од верификацијата на 34-те мандати на пратениците од опозицијата од страна на Собранието. Само три пратенички од 34-те народни избраници се вклучија во работата на Собранието и се спротиставија на ставот на опозицијата за бојкот на Парламентот. СДСМ и помалите опозициски партии пред неколку дена повторно се изјаснија дека не се враќаат во Парламентот.
Претседателот на Собранието Вељаноски, по добивањето на евиденцијата, се очекува да побара заклучок од Комисијата за мандатно – имунитетни прашања за отсуствата, по што треба да следува изјаснување на Собранието. Мандат на пратеник може да се одземе со двотретинско мнозинство.