Деветкратниот светски првак Валентино Роси ја освои пол позицијата во пресрет на последната трка оваа сезона во кралската класа, во Мото ГП шампионатот, трката за Големата награда на Валенсија.
Роси на патеката „Рикардо Тормо“, дојде до својата прва пол позиција по четири и пол години. До 60-та пол позиција во кариерата стигна со најбрзиот круг 1:30.843 минути.
Трката, покрај Роси, од првиот стартен ред ќе ја започнат Андреа Јаноне на Прамак Дукати и Дани Педроса на Репсол Хонда.
Меѓу најдобрите десет трката ќе ја стартуваат Хорхе Лоренцо (Јамаха), Марк Маркез (Репсол Хонда), Пол Еспаргаро и Бредли Смит (двајцата на Јамаха Тех 3), Кал Крачлоу и Андреа Довициозо (двајцата на Дукати) и Штефан Брадл (Хонда ЛЦР).
Трката за Големата награда на Валенсија, последна оваа година во Мото ГП шампионатот, ќе се вози денеска со почеток во 14 часот.