Општина Дојран ќе купува ново моторно возило. Обновувањето на возниот парк доаѓа откако градоначалникот Борче Стамов со џип Киа Спортаж се судри со Голф на патот Дојран-Богданци кај браната Паљурци пред околу седум месеци.
Возачот и совозачот на голфот поминаа со тешки телесни повреди. Блашко Петрески од Богданци беше префрлен на скопските клиники како и неговата девојка Благица која со скршена карлица беше донесена на лекување во Скопје.
Борче Стамов ја остави јавноста во дилема за деталите околу несреќата, избегнувајќи ги новинарските прашања. Полицијата соопшти дека вештачењето ќе покаже што точно се случило но и кој е виновникот.
За медиумите и јавноста остана непознато чиј е џипот кој го управувал Стамов, а општинската администарција не одговори дали возилото е нивно.
А1 уште пред седум месеци испрати мејл до општина Дојран со прашања чиј е џипот Киа Спортаж.
„Кој е возниот парк на Дојран и дали возилото е во сопственост на општината?
Крaток опис на случката од гледна точка на градоначалникот Борче Стамов?
Ако не е на општина, чија сопственост е возилото кое го возел Стамов?“, стои во мејлот кој А1 го испратил до општина Дојран на 2-ри Април годинава и се уште нема одговор.
Општината за моторното возило кое треба да го набави проценила дека се потребни 1.000.046 илјади денари или околу 16.000 евра без вклучен ДДВ.
Таткото на девојката која во болница беше прeфрлена со скршена карлица пред медиумите зборуваше дека некој сакал несреќата да се сoкрие од јавноста.
Мики Тасевски, таткото на Благица тврдеше дека имало обид да се прикаже дека со џипот управувал некој друг.
Од полиција тогаш уверуваа дека никој не може да сoкрие ваква несреќа, а МВР имале пракса да објавуваат детали околу сообраќајни несреќи само кога има трагични последици.
Иако настанот ја заинтригира јавноста, градоначалникот на Дојран по изјавите во медиумите на таткото на Благица Тасевска најави тужби за нарушување на угледот и честа. Стамов сметаше дека се прејудицира неговата вина дека тој е одговорен за сообраќајната несреќа.