Денот на ослободувањето на Скопје -13 Ноември годинава ќе биде одбележан со богата програма под мотото „70 години Скопје слободно чекори напред“.
Програмата за одбележувањето на 13 Ноември на денешната прес-конференција ја соопштија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на Музеј на град Скопје, Љубица Кондијанова и раководителот на Секторот за јавни дејности на Град Скопје, Тања Балаќ.
Градоначалникот Трајановски најави дека освен традиционалните настани коишто се одвиваат за 13 Ноември – крводарителска акција на Црвен крст, фестивалот „Златно славејче“, финални борби и доделување на Златниот гонг, „Пинг-понг градско првенство на средни училишта на Град Скопје“, Меѓународниот детски ликовен конкурс, манифестацијата Го градиме својот град, ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“, Меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, се организирани и голем број манифестации како дел од големото одбележување на овој значаен празник за граѓаните на Скопје. Централната свеченост ќе се одржи на денот на празникот во МНТ.
– Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје во Македонскиот народен театар свечено ќе им бидат додели наградите на добитниците на „13 Ноември“, а во нивна чест и по повод празникот на Скопје, ќе биде одржана музичко – сценска изведба „Скопје слободно чекори напред, истакна Трајановски.
Тања Балаќ информираше дека за овој јубилеен и значаен историски датум за Градот Скопје, подготвена е програма, која содржи над 80 настани, во која годинава се вклучија и општините во Градот Скопје, основните и средните училишта, детски градинки, културни установи, невладиниот сектор, спортски федерации и клубови. Музичко-сценската изведба „Скопје слободно чекори напред“ е во режија на Наташа Поплавска, а во неа ќе учествуваат врвни балетски и оперски уметници и актери од Македонија – припадници на повеќе етнички заедници кои живеат во Скопје.
На 13 ноември традиционално ќе бидат положени цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, на платото пред Владата на РМ и пред Споменикот на генерал Михалјо Апостолски на Градските гробишта во Бутел.
Освен овие активности годинава во програмата влегуваат и одбележување на повеќе јубилеи и годишнини на средните училишта на Град Скопје, како што се Никола Карев, Браќа Миладиновци, Васил Антевски-Дрен и други пригодни сценско-музички програми во градинките и основните училишта, хуманитарни и еколошки акции и слично.
Централната програма ќе се одржи во соработка со Музеј на град Скопје кој е реализатор на програма и Арт Медиа кои се автори на сценската изведба, логото, видеоспотот и веб-страната и севкупниот визуелен изглед на промотовниот материјал.