Оптоварена со подемот на сепаратистичките партии во Каталонија и Баскија, политичката мапа на Шпанија почна да пука и по други шавови. Најновиот аларм заѕвони минатиот викенд кога истражувањата покажаа дека партијата Подемос (Можеме) според популарноста за 7 отсто ја надмина владејачката Народна партија и за 1 отсто најголемата опозициска Социјалистичка партија, со што ја разбија доминацијата на двете главни партии кои владееја цели 40 години уште од враќањето на демократијата по смртта на Франко.
Подемос е всушност движење кое никна од масовните протести во 2011 година, кога граѓаните незадоволни од функционирањето на класичните политички претставници ги окупираа плоштадите, создадоа свои собранија и одлучија да почнат да се борат за директна демократија, а не таа која се сведува на гласање на секои четири години. Окупацијата на јавните простори беше организирана преку социјалните мрежи и зафати многу градови на Европа и светот, но според мислењето на многу аналитичари ова движење најмногу се прошири токму на Иберискиот полуостров.
Во Мадрид е наречено 15М, според датумот 15 Мај, кога маса незадоволни го окупираа плоштадот Врата на сонцето и тука кампуваа неколку недели. Дури откако слични кампови се поставија во Њујорк и Лондон, европската и американската пролет стана позната како Окупирај го Волстрит.
Никој од аналитичарите не претскажуваше посериозна политичка иднина. Им забележуваа за недостиг на структура и хиерархија, иако не им беше оспорена активноста. Изненадувањето настапи кога Подемос, основан само пред 10 месеци, на мајските избори освои osum отсто гласови и 5 места во Европскиот парламент, уривајќи го така традиционалниот шпански двопартизам.
Партијата чиј де факто лидер е писателот, професор и политиколог Пабло Иглесијас (36) секој ден вртоглаво расте. Таа денес со 200.000 запишани членови е втора според бројноста во Шпанија, а според најновите податоци прва според поддршката на граѓаните. Поддршката на Иглесијас и неговата партија уште побрзо растеше на социјалните мрежи. На својот твитер налог Пабло Иглесијас има 600.000 следбеници, додека во мај имаше 100.000. Веќе во август Подемос уживаше на Фејсбук 442.000 симпатизери, повеќе од што има вкупен број лајкови за сите останати политички партии и движења во Шпанија заедно.
Иако се смета дека припаѓа на левицата, растот на Подемос не радува ни опозициската Социјалистичка партија, а уште помалку владејачката Народна партија. Најновото истражување е направено во неделата кога е откриен голем ланец на корупција, во кое истакнати членови на двете партии нелегално се богателе земајќи проценти во пликоа. Надежта на лидерите на двете традиционални партии е дека до изборите кон крајот на 2015 година страста ќе се смири и дека и социјалистите и народњаците ќе вратат барем дел од својот углед. Актуелниот претседател на Владата Марјано Рахој и новиот лидер на Социјалистите Педро Санчес најавија остра пресметка со корупцијата во своите редови.
Антиполитиката и популизмот се дел од европската сцена. Тие не се ексклузивност на Шпанија, истакнуваат многу шпански аналитичари во жестоки дебати на ТВ каналите овие денови. Не се порекнува дека народот е во право што е разочаран од политичарите кои работат по диктат на банките, а не се грижат за тие кои ги бирале. Но на Подемос се припишува склоност кон катастрофичност и им се забележува дека освен популизмот не нудат никакво решение. Дури, ги нарекуваат и вуду политичари, бидејќи го ветуваат невозможното. И слободоумниот мадридски весник Паис кој е склон кон левицата, предупредува на опасност од партија која за себе вели дека не е ни левица ни десница, а всушност со тоа само го прикрива вулгарниот популизам, сличен на тој кој со различен идеолошки предзнак се појави во разни краеви на Европа. Сепак, како што предупредува Паис, девет од десет лица сметаат дека политичката состојба е лоша или многу лоша и тоа е клучен податок да се свати кој дел од популацијата ги купува катастрофичните пароли на ова движење.
Слоганите на Подемос се многу слични со повиците кои ширум светот се слушнаа од окупаторите: Долгот е нелегален, Двопартискиот систем отиде во историјата, Политичката елита клечи пред финансиските институции, Не сакаме диктат од банкарите, Ние сме 99 отсто…
Дека сето ова не е само парола во ново основаната партија покажаа откако влегоа во Европскиот парламент. Ги одбија сите закони да примаат како европските пратеници плата од 8.000 евра месечно, туку прифатија само 1.900 евра, што е три пати повеќе од минималната плата во Шпанија. На таков чекор до сега не се одлучи ниту еден европски пратеник, било од левицата или десницата. Напротив, многумина покренаа и штрајк, кога поради штедењето им биле скусени бенефициите.
Политика – Белград