На 3. ноември (понеделник) во Салонот 19, 19 ќе биде промовирана монографијата „Снежана Османли – жената која можеше да гледа и зад ридот“ од Атанас Кировски. Дизајнот на репрезентативната книга е на Ѓорѓи Бакуле, а техничкото уредување на Гордана Војнеска. Издавач на книгата е ИП „Култура“.
Промотори ќе бидат Трифун Костовски и акад.Таки Фити.
Книга вклучува искази и сеќавања на 25 истакнати личности од дипломатскиот, политичкиот, научниот, деловниот и општествениот живот посветена на личноста и дејноста на М-р Снежана Османли (1954-2013). Помеѓу авторите на прилозите се појавуваат амбасадорите Виктор Комрас, Патрик Крисман, Филип Рикер, Љубица Ж. Ачевска, но и истакнатите домашни политички фигури како Д-р Јаков Лазароски, М-р Петар Гошев, Исмет Рамадани, акад. Таки Фити, акад. Луан Старова, Д-р Љубомир Д. Фрчкоски, Д-р Јане Миљовски, Ѓунер Исмаил, интелектуалци и книжевници како Благоја Иванов, Ристо Лазаров и Д-р Маја Бојаџиевска, новинари и аналитичари како Бранко Героски, М-р Сашо Орданоски, Горан Михајловски и Ацо Кабранов.
Биографијата содржи и три политилошки погледи на Снежана Османли: „Економските и развојни перспективи на Македонија на прагот од новиот милениум“, „Долгорочна национална стратегија за надворешната политика на Македонија“ и текстост „За политиката на еквидистанца кон соседите“.
Снежана Османи, беше угледен и влијателен политички работник, сведок и учесник во преломните мигови на современиот македонски општествен и политички процес, од преминот на социјалистичкото во плуралистичкото општество, до македонската независност и стекнувањето меѓународен легитимитет. Таа беше понекогаш единствен сведок, а редовно активен и позитивен учесник во процесите на првичаната демократизација, плурализација и државно осамостојување на Република Македонија.
Богатите содржини, сеќавања и погледи изложени во монографијата ќе ги заинтересираат не само љубителите на мемоарските текстови, туку и аналитичарите и експертите кои се занимаваат со спомнатиот дел од современата македонска политичка историја.
Монографијата е создадена по иницијативата и со поддршка на Трифун Костовски, претседател на невладината организација и група за критичко мислење и анализа „Совет за глобална соработка“ од Скопје, чијшто идеен покренувач и активен потпретседател беше токму Снежана Османли.