Европската унија денеска ја почна најголемата и најсложената вежба за кибербезбедност, организирана досега во Европа, соопшти Европската комисија.
Во вежбата учествуваат над 200 организации и 400 експерти од 29 европски држави. Тие ја проверуваат подготвеноста за одговор на кибернапади во еднодневната симулација, организирана од Агенцијата на ЕУ за мрежна и информатичка безбедност.
Експертите од јавниот и приватниот сектор, вклучувајќи ги и агенциите за кибербезбедност, национални тимови за итно реагирање при компјутерски несреќи, претставници на министерства, телекомуникациски и енергетски компании, финансиски институции и интернет провајдери, ги тестираат процедурите и можните сценарија на масовна закана за кибербезбедноста.
Во текот на вежбата ќе бидат преземени мерки како одговор на над две илјади посебни кибер напади, вклучувајќи напади за предизвикување на неможност да се понуди услуга, објавување на разузнавачки и медиумски извештаи, заземање на сајтови, истекување на чувствителни информации, напад врз критична инфрастуктура, како и тестирање на процедурите на ЕУ за соработка и управување со кризи.
Кибер нападите во светот минатата година се зголемени за речиси една четвртина, а вкупниот број на нарушување на безбедноста на податоци бил 61 отсто поголем отколку во 2012 година.