Република Македонија првпат ќе учествува на 17. Берза за археолошки туризам во Италија, која од денеска до 2 ноември ќе се одржува во градот Салерно.
– Станува збор за интернационален настан во кој Италија и други земји, гости од цел свет, преку различни активности ги претстатвуваат своите културни богатства, разменувајќи искуства и презентирајќи ги најпознатите археолошки наоѓалишта, сакрални споменици, природни богатства. Оваа година ќе учествуваат над 20 земји од цел свет, меѓу кои Аргентина, Малта, Португалија, Словенија, Хрватска, Венецуела, Романија, Азербејџан…, соопшти Управата за заштита на културното наследство, која го организира македонското претставување во Италија во соработка со национални и локални музеи и заводи, општините, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и други установи.
На Берзата за археолошки туризам во Италија Управата ќе презентира книги, брошури, видеа и друг вид промотивен материјал за македонските археолошки локалитети, цркви, градови, природни богатства, но и традиционална храна и македонски вина. Меѓу видеозаписите ќе бидат и Macedonia Timless и Wonderful Macedonia.
Берзата за археолошки туризам во Салерно почнала да се реализира од 1997 година. Секоја година има неколку илијади посетители од цел свет, стотици новинари, како и излагачи и претставници на УНЕСКО, ICCROM и други организации. Манифестацијата е комплексна и разновидна и опфаќа мноштво настани: промоција на културно и природно наследство, предавања, конференции, дискусии, продажба на туристички понуди…