Главна ѕвезда на овогодинешното издание на „Таксират“ фестивал која ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“ во Скопје е музичарот и продуцент Адриан Товс (Adrian Thaws), на светската сцена повеќе познат како „Трики“ (TRICKY) кој прв пат ќе настапи на фестивалот, но и воопшто пред македонската публика.
„Трики“ (TRICKY) денес е синоним за трип-хоп музиката и една од клучните фигури во развојот на денешната музика кој важи за врвен мајстор на андерграунд сцената каде музиката е во прв и единствен план. Како продуцент и музичар, тој е препознатлив по неговиот темен, богат и слоевит звук со моќен и уникатен лирски стил. Во својот уметнички израз „Трики“ спојува различни стилови, особено во неговата музика која е спој на рок и хип-хоп, висока уметност и поп култура.
Својата кариера ја започна на почетокот на деведесттите години на минатиот век како член на британската рап група „Д Вајлд Банч“ (The Wild Bunch), која подоцна прерасна во „Масив Атак“ (Massive Attack). „Трики“ соработуваше со „Масив Атак“ на нивниот славен деби албум „Blue Lines“, како и на нивното второ издание „Protection“. Во тоа време ја запозна и пејачката Мартина Топлеј Брд (Martinu Topley Bird), со која го сними својот прв сингл и оствари успешна соработка во идните изданија.
Покрај „Трики“ на главната вечер на „Таксират“ веќе се потврдени настапите и на холандскиот диџеј и продуцент кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј Сандер Ван Дорн (SANDER VAN DOORN), култната хрватска електро-поп група „Денис&Денис“ (DENIS & DENIS), легендите на британскиот стрит-панк „Џи-би-ејџ“ (GBH) и контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио „Бед Копи“ (BAD COPY), а наскоро ќе бидат објавени и нови изведувачи.