Македонскиот Балет в петок премиерно ќе ја изведе балетската претстава во два чина „Дамата со камелии“ на музика од Џузепе Верди во кореографија на Василиј Медведев од Русија.
Главните улоги (Маргарита и Арман) ќе ги играат првенците на МОБ Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили. Ќе настапи балетскиот ансамбл и Оркестарот на МОБ под водство на диригентот од Србија Ѓорѓе Павловиќ.
Либретото е на Јана Темиз (писателка на детективски романи која живее во Турција), а се базира на познатото дело на Александар Дима (синот). Музиката е позната од најпопуларната опера на Верди – „Травијата“. Сценограф, костимограф и автор на дизајнот на светло е Павол Јураш од Словачка.
Ова е прва соработка на МОБ со кореографот Медведев, кој е и првпат во Македонија. На прес-конференција денеска тој рече дека претставата првпат ја режирал во 1996 во Санкт Петербург. Со нова верзија гостувал и во Сараево, а за Скопје е направена најнова верзија различна од претходните. Негов асистент е Станислав Фечо, кој го играл Арман во првата постановка пред 18 години.
Примабалерината Мијалкова рече дека и е чест и задоволство да работи со познати уметници од кои се уште може да се научи нешто ново. Таа ќе го игра комплексниот лик на Маргарита.
– Во целата претстава таа има различни состојби кои треба да се доловат за публиката да ја доживее вистински. Работевме напорно и од мене е извлечен максимумот, рече Мијалкова, која ќе ја игра Маргарита на премиерата и на првата реприза на 4 ноември, заедно со Васил Чичијашвили во улогата на Арман.
Бобан Ковачевски ќе го игра Арман во втората и третата реприза на „Дамата со камелии“ (на 7 ноември со Марија Кичевска-Шокаровска и на 28 ноември со Мими Поп Алексова-Атанасовска). Тој истакна дека претставата бара длабок психолошки пристап за целосно интерпретирање на ликовите. – Интересна е, но и тешка – драматуршки и технички, рече Ковачевски.
Диригентот Павловиќ додаде дека претставата е драматуршки динамична, потресна и весела и дека има се што едно дело треба да го има. Додаде и дека публиката ќе може да слушне ретко изведувани дела на Верди.
Уметничкиот директор на Балетот Горан Божинов нагласи дека резултатите ќе бидат очигледни зашто екипата работела напорно и затоа што Медведев е еден од петте водечки кореографи во светот. Првиот контакт со него, како што рече, бил преку Сараево, каде веќе ја поставил „Дамата со камелии“ (во Сараево гостувал и веднаш по војната со претставата „Ѓаволесто девојче“), а вториот контакт бил преку сопственикот на „Гришко“, негов личен пријател, кој отвори фабрика за балетска опрема во Македонија.