Заменик министерот за култура на Република Србија, Александра Фулгоси, вчера (понеделник во 18 часот) на свеченост на Саемот на книга во Белград му ја врачи престижната награда „Доситеј Обрадовиќ“ на директорот на Издавачката куќа „Икона“ од Скопје, Николчо Мадешовски.
Наградата “Доситеј Обрадовиќ“, што традиционално ја доделуваат Министерството за култура и информирање на Република Србија, Саемот на книга во Белград и фондацијата “Доситеј Обрадовиќ“, се доделува за исклучителен допринос кон преведувањето на книжевното творештво и промоцијата на културата на Република Србија.
Одлуката за наградата ја донесе жирито во состав: Радомир Путник – претседател, Зоран Хамовиќ, Гојко Божовиќ, Марко Недиќ и Драган Великиќ, членови.
-Разгледувајќи ги програмите на странските издавачи кои објавуваат современа српска книжевност, жирито многу лесно и брзо дојде до цврсто убедување дека издавачката работа на „Икона“ е вистинско остварување на целите поради кои е и основана наградата „Доситеј Обрадовиќ“. Пример е за професионална самосвест и одговорен издавач кој посветено објавува и покрај приликите и создава нови прилики благодарение токму на објавените книги, рече членот на жирито, познатиот издавач и поет Гојко Божовиќ.
-Наградата е потврда дека сме работеле добро, избирајќи квалитетни наслови и автори, внимавајќи и на нивната презентација во Македонија. Учествуваме и во доведувањето на српските автори во Македонија, а промоцијата на романот „Лудвиг“ кога гостин ни беше Давид Албахари, сеуште е една од најпосетените промоции со странски автор на квалитетна литература во последните години. Авторите ги промовираме и на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, каде првиот лауреат на наградата „Прозарт“ беше писателот Владислав Бајац. Внимание се обрнува и на квалитетот на преводот, па неколку од книгите ги преведе Александар Прокопиев, писател добро познат во Србија, како и преведувачката Јасмина Алексова. Оваа награда за нас значи и поттик за подобра соработка во иднина, рече Мадешовски по примањето на наградата.
-Оваа куќа во последните години, во континуитет, преведе и издаде поголем број дела од наши автори: “Лудвиг“ од Давид Албахари, “Сплит“ од Славољуб Станковиќ, “Панаѓурски магионичар“ од Јелена Ленголд, Михајло Пантиќ со “Ако е тоа љубов“ и “Овојпат за болката“, Срѓан Тешин со “Клетвите на куварот и други гадости“, Саша Обрадовиќ со “Градина на љубовта“, Драган Јовановиќ Данилов – “Татко на ледените ридови“, Ласло Блашковиќ – “Приказна за изнемоштеноста“, се вели, покрај другото, во образложението од жирито за наградата “Доситеј Обрадовиќ“.
Меѓу досегашните добитници на оваа награда се и некои од најголемите и најпознати издавачи во Југоисточна Европа. Ова се досегашните добитници:
“Пирамида“ од Лвов, Украина, “Калиграм“ од Братислава, Словачка, “Сиела“ од Софија, Бугарија, “Зандонаи Едиторе“ од Роверто, Италија, “Јеленкор“ од Печуј, Унгарија, “Гаиа Едисон“ од Бордо, Франција, и “Визер Ферлаг“ од Клагенфурт, Австрија.
Наградата за странски издавач “Доситеј Обрадовиќ“, која го носи името на големиот српски просветител и реформатор, е востановена во 2007 година.
На доделувањето на наградата беседа одржа и еден од најпознатите српски поети, Драган Јовановиќ Данилов, а се обрати и претставник на Саемот на книга.
На свеченоста присуствуваа и повеќе познати писатели, како добитникот на Наградата за литература на ЕУ, Јелена Ленголд, писателот Владислав Бајац, како и гостинот на овогодинешното издание на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, култниот режисер и писател Слободан Шијан. На врачувањето, на покана на Саемот на книга во Белград, присуствуваше и директорот на Интернационалниот литературен фестивал “ПРО-ЗА Балкан“, чиј организатор е “Икона“, Дејан Трајкоски.