„Мајсторот“ е насловот на новата книга раскази од Димитар Башевски, која вечер во 20 часот ќе биде промовирана во Магор кафе-книжарница.
Промотори на книгата, која е во издание на издавачката куќа Магор од Скопје, ќе бидат Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.
По повеќе од десетина романи и пет книги поезија, Башевски првпат се претставува со збирка раскази настанати во последните две години. Книгата во 11 раскази зборува за љубовта и страста, за потребата луѓето да сонуваат и на тој начин да ги надминат ограничувањата на сопствената егзистенција, за обидите да им се даде ново значење на еднаш изгубените нешта итн.
– Карактеристика на оваа книга, покрај познатиот стил и јазик на овој автор, е користењето на хуморот и иронијата како важни елементи во раскажувачката постапка, вели издавачот.