Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими денеска во своето обраќање пред пратениците го поздрави враќањето на опозициската ДПА во Собранието и ја повика СДСМ и другите опозициски партии да се вклучат во работата на Парламентот. Пред Собранието тој зборуваше за Извештајот за напредокот на земјата, препораката за почеток на преговори што Македонија ја доби повторно, но и за забелешките во документот и за подготовката на Акцискиот план за нивно надминување.
– Македонија доби шеста препорака, која е исклучително битна и обврска плус да продолжиме со спроведување на реформите и никако да не оставиме простор ни причини да скршнеме од тој пат. Значи, целосна посветеност и стратешка цел на Владата е да работиме во насока на евроинтегрирање, истакна Бесими.
Во своето излагање, вицепремиерот за европски прашања се задржа на она што треба да го направи државата, за да ја оправда препораката за почеток на преговорите што ЕК ја даде и годинава.
– Извештајот за напредокот од ЕК адресира неколку битни прашања во својата содржина, тука е политичкиот дијалог, унапредувањето на слободата на изразување, унапредувањето на независноста и надлежноста на судството, потоа реформите во јавната администрација, адресирањето на препораките на ОБСЕ во изборната реформа, подобрување на довербата помеѓу етничките заедници и добрососедството и друго, рече Бесими.
Економските критериуми, додаде тој, во најголем дел се концентрирани на фискалната дисциплина, на фискалната транспарентност и надминување на предизвиците на пазарот на трудот, особено кога се работи за вработувањето на младите, унапредувањето на конкуренцијата. Сериозен предизвик, според Бесими, останува политичкиот дијалог да биде отворен и активен, што ќе влијае позитивно врз престижот на земјата во однос на евроинтеграцијата.
– Во однос на демократските капацитети во земјата, како што стои во Извештајот, Македонија во доволно ниво ги исполнува критериумите на Копенхаген и на овој начин се препорачува повторно почеток на преговори со ЕУ. Многу е битно што има забелешки во однос на судскиот систем, особено од аспект на зајакнување на независноста на судството и подобрување на квалитетот на правдата со цел зголемување на довербата на пошироката јавност во овој систем. И во однос на ова, во соработка со ЕК сега веќе се преземаат конкретни мерки во изготвување на стратегија и план за делување во понатамошни реформи во судскиот систем во Македонија, подвлече Бесими.
Во однос на слободата на изразување, нагласи дека треба да се надминат сите прашања за подобрување на климата на медиумите во Македонија.
Бесими подвлече дека ќе продолжат напорите во зголемување на довербата меѓу заедниците и со меѓусебна почит и толеранција, пред се, преку имплементација на Охридскиот рамковен договор.
– Охридскиот рамковен договор е основа за натамошно зајакнување на многуетничкиот карактер на нашето општество за унапредување на односите меѓу разните етнички заедници, како и за почитување на правото на граѓаните. Во фаза на подготовка е и анализата и Извештајот за квалитетот на имплементација на Охридскиот рамковен договор, истакна вицепремиерот за евроинтеграции.
Што се однесува на јавната администрација, додаде, тоа што стои во Извештајот се реализираните реформи за унапредување на кариерата и за правично застапување.
– Во однос на добрососедските односи ЕК ја става на видело потребата од една одлучна акција за надминување на отвореното прашање на името имајќи предвид дека тоа има непосредно влијание врз процесот на зачленување во ЕУ. И оваа констатација на ЕК никако не треба да се користи како преттекст за евентуално заостанување на реформите, туку како предизвик што треба да се надмине што е можно побрзо. Секако, ние го поздравуваме предлогот на ЕК за проактивна поддршка од лидерите на ЕУ со цел надминување на ова прашање. Македонија останува отворена за почеток и решавање на сите отворени прашања со цел целосно концентрирање на реформите од европската агенда, рече Бесими.
Од аспект на економските реформи, додаде, дека треба да продолжат напорите за зачувуваање на макроекономската одржливот на земјата, понатамошниот ангажман со пазарот на невработеноста. Тоа што има тренд на паѓање на невработувањето е исто така во однос на стратегијата за вработување на младите и се очекува во иднина и кај младите да има позитивни ефекти на пазарот на трудот.
Од добивањето на препораката Бесими инфиормира дека СЕП имал средби со претставници од универзитетите, академското општество, граѓанскиот сектор, судството, но и дека ќе продолжи понатаму и со претставници од медиумите, со новинарите, а исто така и со приватниот сектор.