Американски компании покренале инцијатива за исклучување на Русија од Светската трговска организација (СТО), објави рускиот весник „Известија“.
Повикувајќи се на извори во Федералната агенција за надворешна трговија на САД (УСТР), весникот наведува дека американски компании барале од Вашингтон да се заложи за исклучување на Русија од СТО или во најмала рака да и бидат укинати поволностите предвидени во седумгодишниот период во кој Москва треба да го усогласи своето законодавство со регулативата на Светската трговска организација.
Иницијативата за исклучување на Русија од СТО потекнува од бизнис асоцијациите во САД, а не од раководството на Агенцијата за надворешна трговија или од претставници на Светската трговска организација, изјави претставникот на УСТР, Сесили Клајн за „Известија“.
Ваквиот предлог, според официјална Москва, претставува уште еден обид за дополнителен притисок врз Русија по воведенити економски санкции од страна на Западот, поради случувањата во Украина.
„Ивсестија“ неведува дека во последниве две години, од приемот на Русија во СТО, американските компании добилеа царински олеснувања во трговијата со руските фирми и можности за полесен извоз на рускиот пазар. Тоа пред се се однесува на компаниите од телекомуникацискиот и фармацевтскиот сектор во САД, но и на повеќе други фирми, меѓу кои и оние за производство и преработка на млеко и на алкохолни пијалаци.
Експерти, со кои се консултирал весникот, сепак проценуваат дека е мала веројатноста оваа инцијатива да дојде на разгледување во телата на СТО, а уште помала дека Русија би била исклучена од Организацијата.
Барањата на американските компании се поврзани со актуелните тензии во односите меѓу Русија и САД и со воведените санкции, заклучува „Известија“.