Министерството за правда – Управа за извршување на санкциите ги демантира и отфрла како невистинити наводите изнесени во соопштението на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија од 20.10.2014 година.
Во насока на правилно информирање на јавноста за случајот известуваме дека во Затворот Куманово се обезбедени сите меѓународни стандарди за извршување на казната затвор, а установата се снабдува со безбедна санитарна вода за потребите на осудените лица, од бунар во непосредна близина (околу 800 метри )до установата. Од бунарот водата се доведува до резервар во кој е вграден посебен систем за хемиско и бактериолошко пречистување на водата односно хлорирање.
Последните анализи направени од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје 11 Октомври Куманово покажуваат дека на основа на резултатите од извршените испитувања и стручната анализа, испитаниот примерок на вода за пиење земен од чешма во установата одговара за употреба согласно прописите за безбедност.
Презентираните стручни наоди од Хелсиншкиот комитет се однесуваат на неидентификуван извор, од кои што тврдиме дека Затворот Куманово не се снабдува со вода. Хелсиншкиот комитет во поткрепа на изнесените невистинити наводи можел да злоупотреби било какви анализи на примероци земени од неидентификувани места и на начин спротивен на стандардите за земање примероци, што истото го прави нерелевантно.
Во однос на канализациската мрежа ја известуваме јавноста дека во комплексот на Затворот Куманово изградена е пречистителна станица, што наводите на Хелсиншкиот комитет дека во Затворот Куманово не постои канализациски систем, односно има септички јами ги прави во целост неточни и злонамерни. Имено, од последниот Извештај од извршената физичко хемиска анализа на прочистената отпадна вода од пречистителната станица извршена од страна Фармахем – Скопје произлегува дека истата е во рамките на пропишаните гранични вредности, пропишани со Правилник за поблиски услови за собирање, одведување и прочистување, начинот и условите за проектирање, изградба и експлоатација на системите и станици за прочистување на урбаните отпадни води, како и техничките стандарди, параметрите , стандарди за емисија и норми за квалитет на преттретман, отстранување и пречистување на отпадните води, имајќи го во предвид оптоварувањето и методот за прочистување на урбаните отпадни води кои што се испуштаат во подрачја чуствителни на испуштање на урбани отпадни води (Сл.Весник на РМ бр.73/2011).
Понатаму, целосна небулоза и невистина е тврдењето на извршниот директор на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, дека осудените лица ја купуваат водата за пиење и ја плаќаат по поскапа цена од пазарната односно за 30 денари. Ако г-та Пировска сакала објективно да ја информира јавноста можела да се обрати до установата која ќе и достави докази за набавка на сите производи по пазарна цена, а конкретно водата се набавува по цена од 17 денари.
Целото соопштение на Хелсиншкиот комитет се базира на непроверени и непрофесионални извори, со намера да се девалвира работата на затворскиот систем во Република Македонија, без да се провери фактичката состојба. Ова особено важи и за тврдењето на г-а Пировска дека притворените лица неможат да си купат вода бидејќи кај себе несмеат да имааат пари. Со едноставен увид во членот 39 став 3 од Правилникот за куќен ред за извршување на мерката притвор во притворските одделенија на затворите (Службен весник на РМ бр.173/2011), може да се утврди:
“Паричните средства што по пошта се испраќаат на притвореното лице се чуваат како негов депозит во затворот, а износот се евидентира во магацинска книга за депозити на притворените лица.
Со паричните средства од депозитот притвореното лице може да набавува храна, облека и други предмети кои може да ги поседува”
Покрај сите изнесени невистини во соопштението неточен е дури и податокот за бројната состојба на осудени и притворени лица во Затворот Куманово. Имено бројката на осудени и притворени лица ни од далеку не е 300 туку со состојба на 20.10.2014 година изнесува вкупно 206 лица од кои 168 осудени и 38 притворени лица.
Во насока на објективно и професионално информирање на јавноста бараме да се почитува уставното начело за објавување на демантот согласно член 16 од Уставот на Република Македонија.