На средбата со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) во петокот произлегоа заклучоци кои Министерството за образование и наука ќе ги анализира во следниот период, соопшти денеска заменик-министерот Спиро Ристовски, по посетата на новиот едукативен центар за физиотерапија во училиштето „Димитар Влахов“.
Тој го повтори ставот дека МОН е отворено за разговори и дека од почетокот укажало по кои прашања ќе се разговара.
– Ние бевме многу транспарентни и на самиот почеток на разговорите соопштивме дека по однос на висината на платата покачувањето ќе биде идентично како и за сите други вработени во државната администрација, односно јавните службеници. Во врска со екстерното, укажавме дека тоа ќе продолжи да се спроведува, а прифаќаме сугестии кои ќе го подобрат квалитетот на образованието на учениците и објективноста во оценувањето на наставниците, рече Ристовски, кој не навлезе во детали од петочните разговори за, како што рече, да не се внесуваат шпекулации во односот на двете преговарачки страни.
Најавениот штрајк за 29 септември СОНК го стави во мирување до крајот на годинава откако со МОН договори да разговараат за синдикалните барања.