Заштита на стандардот на граѓаните преку предвиденото зголемување на платите на администрацијата, пензиите и социјалните надоместоци и повеќе средства за капитални проекти, се главните цели на буџетот за наредната година, а за чиј дополнет предлог денеска почна расправата во Собранието на Република Македонија.
– Еден од столбовите на буџетот е социјалната димензија. Внимававме во годините наназад да се обезбедат доволно средства за да се исплатат сите права и постојано имавме зголемување на субвенциите, во одделни години и на платите, пензиите и социјалните надоместоци што помогна да се зачува стандардот на граѓаните. Со таа политика ќе се продолжи и наредната година, рече вицепремиерот и министер за финансии образложувајќи го дополнетиот предлог буџет за 2015 година пред пратениците во Собранието.
Потенцира дека во буџетот се предвидени средства за зголемените плати, пензии и социјални надоместоци. – Зголемувањето на платите ќе трае во текот на целата година бидејќи ќе почне од оваа. Во јули наредната година почнува зголемувањето на социјалните надоместоци за пет проценти и пензиите за пет проценти во октомври следната година, појасни министерот и додаде дека тоа е продолжување на политиката за заштита на стандардот на пензионерите и примателите на социјалните надоместоци.
Во буџетот за социјални трансфери се предвидени 82,645 милијарди денари од кои 45.570 милијарди се за пензии. Министерот посочи дека дека 301.660 пензионери од октомври ќе добијат за пет проценти повисоки пензии. Предвидена е и навремена и редовна исплата на социјалните права и зголемувањето за пет проценти на социјалната помош од јули.
Поради зголемувањето на пензиите, социјалните надоместоци и платите и предвидените средства за здравствени услуги тековните расходи идната година се за 4 проценти повисоки од 2014 година. Истовремено Владата ќе ја продолжи рестриктивната политика кај стоките и услугите.
Со буџетот и одвоените средства од 140 милиони евра за субвенции во земјоделството е предвидена поддршка на стандардот на земјоделците.
Преку високиот износ на капитални инвестиции продолжува поддршката на стопанството, како и остварувањето повисоки стапки на економски раст. Според вицепремиерот, ова се покажа како правилна политика досега, што го потврдуваат и ММФ и СБ.
– Во буџетот за 2015 година има високо ниво на капитални инвестиции со цел преку реализација на инфраструктурни проекти да обезбедиме ангажман на градежништвото, индустријата што на краток рок ќе ни донесе повисоки стапки на раст, а на долг рок поголема конкурентност на економијата, истакна Ставрески.
За капитални проекти директно од буџетот се предвидени 21,208 милијарди денари, но министерот истакнува дека ако на ова се додадат и средствата предвидени во ЈП за државни патишта од 11,651 милијарда денари ќе се добие вкупен износ од 32,859 милијарди денари.
Ќе се интензивира изградбата на Коридорот 10 за што се предвидени 3 милијарди денари, потоа ќе продолжи реализацијата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, а преку Светска банка ќе се обезбедат дополнителни средства за реконструкција на патишта. Во железничката инфраструктура предвидени се 1,311 милијарди денари, потоа 553 милиони денари за ТИРЗ, како и над две милијарди денари за образованието, детската заштита и спортот.
Вкупните приходи на предложениот буџет се 163,280 милијарди денари, расходите се проектирани на 181,777 милијарди денари, а дефицитот е 18,497 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП.
Растот на економијата е проектиран на 4 проценти, а инфлацијата до два проценти.
Расправата за буџетот според Деловникот на Собранието треба да заврши за пет дена.