Почнаа градежните работи за подобрување на атмосферската канализациска мрежа на улицата Павел Шатев, со поставување решетки од монолитен бетон, соопштија од Град Скопје.
Во правецот од населбата Пржино кон подвозникот, на раскрсницата, на двете коловозни ленти е извршен ископ и е поставена бетонска подлога. Градежните работи продолжуваат со поставување три попречни решетки од монолитен бетон со димензија РД 300 милиметри, во должина од 7,35 метри и еден сливник. Тие ќе бидат приклучени на постојниот атмосферски колектор Ф 900 милиметри, по што ќе се асфалтира коловозот.
– Две попречни решетки од монолитен бетон ќе се постават кај црквата „Света Петка“ на двете коловозни ленти. Решетките се со должина од 3,35 метри. Тие ќе се приклучат на постојниот атмосферски колектор Ф 600 милиметри, по што коловозот ќе се асфалтира. На раскрсницата ќе се постават два сливника еден до друг, попречно, на самиот коловоз и тоа на влезот од улицата Павел Шатев кон улицата Огњан Прица, а еден сливник ќе се постави на влезот од улицата Огњан Прица кон булеварот Павел Шатев, се наведува во соопштението.