Конечно се случи! Русија првпат во својата постсоветска историја достигна нуклеарен паритет со САД. САД имаат 1.641 боеви нуклеарни глави, а ние имаме цели 1.642. За само шест месеци, нуклеарниот арсенал е зголемен за 131 боева глава. Притоа, зголемен е и бројот на нашите балистички ракети, од 498 на 528. Чудно е дека веста која би предизвикала воодушевување меѓу сопствениците на маици со натпис Топољ не се плаши од санкции, до нас стигна од другата страна на океанот.
Како што тоа го бара взаемниот Договор за намалување на стратешкото оружје, подлиот Стејт департмент (што инаку редовно го прави) ја објави оваа информација со која располага, благодарение на регуларната размена на податоци за состојбата на нуклераните арсенали на двете земји. А нашиот роден МИД од некоја причина не најде за сходно да го израдува народот со вести за исклучителните достигнувања во областа на домашното производство на нуклеарно оружје.
Може да се претпостави дека овој успех, меѓу другото, е постигнат и со вклучување на подморницата Јуриј Долгоруков, во составот на Воената морнарица на Руската федерација. Бидејќи без оглед на тоа што оваа подморница е од новата генерација, опремена е со многу стара ракета Булава, Русија најверојатно ги обавестила Американците дека комплетното оружје од 17 ракети е веќе поставено.
Најверојатно ќе се најдат некои теми сили кои ќе се обидат да го поматат овој сјај на нашето исклучително достигнување и што е нај интересно, овој пат тоа нема да биде подлиот Стејт департмент, ни итрата ЦИА, ниту таму некои зелени баретки. Се работи за најпатриотскиот од сите патриоти, за нашиот вице-премиер Дмитриј Рогозин кој инаку пред владата е задолжен за одбранбениот индустриски комплекс.
Тој неодамна изјави дека руските нуклеарни вооружени сили веќе во 2020 година целосно ќе бидат обновени и стопроцентно опремени со нова ултра современа техника. Ако малку повнимателно се проанализира рускиот нуклеарен арсенал, ќе се покаже дека Рогозин, ако неговите зборови се сфатат сериозно, всушност вети редукција на значаен дел на стратешките воени сили кои денес се наоѓаат на т.н. борбено дежурство. Во следните шест години од борбеното дежурство ќе мора да се отстранат, а веднаш потоа и да се заменат со нови, 52 ракети СС-18 или Сатан според квалификацијата на НАТО, 40 ракети СС-19 и 108 ракети СС-25 стари и немодернизирани Топољ ракети. Што се однесува до флотата, седум стратешки носачи од класите Делта 3, Делта 4 и Тајфун мора да одат за старо железо. Нашата стратешка авијација мора итно да се ослободи од сите свои бомбардери, меѓу кои и тие најмладите кои веќе 25 години се наоѓаат во одбранбена експлоатација. Сите овие стратешки носачи одамна го отслужиле своето, а гарантниот рок веќе неколку пати им бил продолжуван.
И сега, ако се верува на Рогозин, во следните шест години сето тоа треба да биде заменето со ново оружје. Би било интересно да се дознае како? Од каде ќе се создаде сето тоа оружје? Што се однесува до поморскиот дел на нуклеарната тријада, состојбата е јасна. Се претпоставува дека до 2020 година во море ќе бидат осум нови стратешки подморници од класата Бореј. Овој момент, во разни степени на боева готовност се наоѓаат три вакви борбени подморници. Уште три се во изградба, а времето потребно за комплетно производство на една ваква подморница е шест години. Веќе сега е јасно дека бродоградилиштата нема да можат да се вклопат во зададените рокови, но плановите на државата во оваа област на национална безбедност барем до некаде се дефинирани.
Меѓутоа, што имаше предвид вице-премиерот кога зборуваше за ултра современо оружје, применето на авионскиот елемент на стратешката тријада, останува мистерија. Бидејќи согласно со официјалните соопштенија, првите пробни летови на новиот бомбардер можат да се очекуваат најрано во 2019 година, а сериско производство дури во 2025.
Ни остануваат уште ракетите земја-земја, т.е. копнениот елемент на нашата нуклеарна тријада. Тука не се работи само за бројот на самите ракети со кои располагаме, туку за бројот на нуклеарните боеви глави кои можат да се постават на тие ракети. Секоја ракета СС-18 носи 10 боеви глави, ракетите С-19 по шест, а старата ракета Топољ може да носи само една. Ако овие стари ракети се симнат од режимот на борбеното дежурство, нашиот нуклеарен потенцијал ќе биде намален за цели 988 боеви глави, т.е. ни помалку ни повеќе туку за две третини. И бидејќи најновата ракета Јарс може да понесе само четири единици од тој смртоносен товар, тука дури ни таа нема многу да ни помогне. Значи, сите надежи се насочени на новата тешка ракета Сармат, која користи течно гориво и која како што ни зборуваат може да понесе 10 боеви глави.
И тука се соочуваме со еден многу сложен проблем. Имено, целата работа околу ракетите Сармат моментално се наоѓа само во фаза на испитување на конструкциските решенија кои, како што ветуваат, треба да бидат завршени во текот на 2018 година. Притоа, мора да се има предвид дека во разработката и производството на тешките ракети Русија нема соодветни искуства. Тие во советско време се произведуваа во Украина, во Дњепропетровск.
Денес работата околу овие ракети е доверена на Производното здружение Макејев во градот Миас, воен завод кој до сега беше специјализиран само за производство на ракети вода-воздух и вода-земја.
Тука треба да се спомне несреќната судбина на поморската ракета Булава, чие производство го доверија н атие кои до тогаш ја произведуваа и усовршуваа само сувоземната ракета Топољ. Тажната приказна изгледа се повторува… Исто така треба да се наведат и западните санкции, бидејќи за производство на нови ракети ќе мора да се создадат и нови алати и сосема нова современа опрема, со чија помош ќе се произведуваат тие ракети.
Сето тоа, идејата за целосно осовременување на руските нуклеарни сили до 2020 година ја прави илузорна. Така се наметнува заклучокот дека нашиот вице-премиер или зборува очигледна невистина, или едноставно не разбира за што станува збор. Обидите до 2020 година да се спроведе целосна модернизација на стратешките нуклеарни сили, ќе се претворат во одлучно намалување на нуклеарниот потенцијал. Нас тоа може само да не радува, но длабоко се сомневам дека тоа влегува во плановите на господинот Рогозин.
Ежедневниј журнал – Москва