Најновото дело на Димитрије Бужаровски – естетичкиот перформанс „Музички прашања“, премиерно беше изведен завчера на отворањето на интернационалната манифестација Балкански арт форум (БАРТФ) во Ниш, организиран од Факултетот за уметности при Нишкиот универзитет.
Теориско-музичкото дело е уникатен обид да се поврзат музичката теорија и пракса во единствен настан. Прашањата кои се однесуваат на суштината на музиката, нејзиниот творец, вреднувањето, минатото и иднината на музиката, се одговорени преку електронски колаж од над 170 фрагменти од музичкиот опус на Бужаровски и од антологиски дела од светската музичка ризница.
Прашањата ги изговара компјутеризиран глас кој е испреплетен со музички одговори, при што дигиталното процесирање и користење на електронска музика ја обезбедува целината на ова дело. Делото користи и визуелна анимација најнапред на основниот текст на прашањата, а при крајот и од четири видео фрагменти.