Додека САД се насочени кон разбивање на џихадистичката група Исламска држава, Турција долгорочно гледа на хаосот што веројатно ќе остане по завршувањето на операцијата против сунтиските екстремисти, оценува американската аналитичка агенција „Стратфор“.
– Токму затоа Турција поставува услови за своето учество во борбата против Исламската држава и се обидува да ги убеди САД и нивните коалициски партнери од арапските сунитски земји дека токму Анкара треба да биде силата која во иднина ќе води грижа за регионот, наведува „Стратфор“.
Агенцијата проценува дека Анкара смета оти сите играчи треба да ги прифатат нејзините приоритети кои вклучуваат пред се смена на режимот во Сирија, во кој сега доминираат припадници на алавитското малцинство поддржано од Иран, со нова власт во која би доминирале сунитите.
„Стратфор“ во анализата сегашното однесување на Турција го поистоветува со ставот на големиот везир на Отоманската Империја, Дамат Ферид паша, кој по Првата Светска Војна пред силите на Антантата во Париз претставил меморандум со кој се барало задржување на турската контрола врз Блискиот Исток.
– Актуелната турска Влада гледа на Ирак и на Сирија на истиот начин на кој што гледаше Дамат Ферид пред точно еден век. Од своја гледна точка Анкара сака да ја прошири својата сфера на влијание врз соседните муслимански земји на сметка на ослабените Ирак и Сирија. Иако Турција нема директна контрола врз овие држави, таа се надева дека индиректно ќе може да ја наметне својата волја поддржувајќи ги умерените исламистички сили во Сирија и комбинацијата од туркменски, сунидски и курдски фракции во Северен Ирак, наведува „Стратфор“.
Според агенцијата, турската визија за иднината на регионот не е во согласност со актуелната реалност и на Анкара повеќе и нанесува штета отколку полза во одмосите со соседите и Западот.
„Стратфор“ смета дека Турција би можела да биде вовлечена во копнени судири во Сирија, при што турските сили би требало да се борат на страната на курдските сепаратисти, меѓу кои има и припадници на Курдската Работничка партија (ПКК).
– Турција се соочува со истата дилема и во Ирак каде неволно ги поддржува курдските сепаратисти во борбата против Исламската држава. Турција не би можела спокојно да ја прифати идејата дека градот Киркук е во рацете на ирачките Курди, освен ако Анкара не добие гаранции за ексклузивни права во искористувањето на енергетските потенцијали и можноста да ја спречи секоја амбиција за курдска независност, наведува „Стратфор“.